Сите хипици беа поврзани со љубовта кон музиката, омразата кон војната и презирот кон граѓанското општество, кое се задушуваше во својата самобаналност

Официјален слоган-мото на хипи-движењето беше „Вклучи се, придвижи се и отфрли ги правилата“. Тоа беше еден вид хипи-филозофија, светоглед на млади, идеалисти, талентирани и вулгарни припадници на бебибум-генерацијата, која се појави на јавната сцена по Втората светска војна. Станува збор за млади личности што беа предводници на животот сфатен како „секс, дрога и рокенрол“. Ним не им беа важни општествените норми. Како поединци и движење ги кршеа постојните правила, ненасилно и брутално.

Тоа се потврдува и во стиховите во хитот на легендарните „Битлси“, „Revolution“, во кој Џон Ленон пее „…Сите ние сакаме да го промениме светот, но кога зборувате за уништување, не сметајте на мене…“.
Но затоа имаа голем ентузијазам, незадоволство кон постојниот поредок и револт и отпор кон општествениот естаблишмент. „Сакам да мислам за тоа како ќе го скршиме и отфрлиме целиот постојан поредок. Ме привлекува сѐ што е во врска со револтот, нередот, хаосот, а особено активностите што на изглед немаат никаква смисла. Ми се чини дека е тоа пат кон слободата – надворешната слобода е начин да се постигне внатрешната слобода“, вели Џим Морисон.
Хипиците беа млади неконформисти, кои не се вклопуваа во доминантната општествена култура, се залагаа за либерални принципи и начин на живот.

Го носеа ехото на будење на 1960-тите години од 20 век и беа фокусирани на некои нови хоризонти. Беа предводници на еден вид „волт фејс“ (volte face), комплетна промена на ставови, сфаќања и однесувања. Нивната визија се фокусираше, поточно произлегуваше од мантрата на Тимоти Лири: „Вклучи се, мисли и одметни се“. Беа заситени од војни и консумеризам, а не се помируваа со неправдите и дискриминациите. Станува збор за писатели, поети, прогресивни мислители, студенти, професори, талентирани музичари. Голем дел идеи и идеали што ги негуваа и промовираа, денес, по половина век од „Вудсток“ и година-две повеќе од „летото на љубовта“, се мејнстрим на денешниот начин на живот: либерални вредности, самосвест, борба за човекови права, сексуална слобода, полова и расна слобода, интересирање за филозофиите на Истокот, зен-будизам, јога, здрава храна и свест за животната средина.

Сите нив (идеи и идеали) ги изразуваа преку рокенрол-музиката. За нив таа пред сѐ беше и остана слобода.
„Нашата програма е културна револуција низ целосен напад врз постојната култура. Нашата музика, нашата облека, нашите домови, начинот на кој зборуваме и се движиме, начинот на кој расте нашата коса, на кој пушиме цигари и водиме љубов, јадеме и спиеме – сето тоа претставува една порака: слобода“, велеше Џон Синклер. Тоа беше пораката, да се биде свој, поинаков од другите. Токму затоа хипиците беа предводници на бунтот. Бунт против конвенциите, против лагите и измамите на политичарите, но и против неправдата и притисокот на Студената војна.

Инаку, она што требаше да биде идилично остварување на соништата на хипи-генерацијата, сепак, на крајот се претвори во битка со која се заврши повеќегодишната војна меѓу романтичните деца на цвеќето и државниот естаблишмент. Првите однапред беа осудени на пораз, не толку поради бруталноста на вторите, туку поради тоа што тие војната ја водеа и со самите себе. Поконкретно, знаеја што не сакаат, ама никогаш немаа јасна претстава за тоа што сакаат. Токму затоа, хипи-движењето и неговата кулминација на „Вудсток“ – како вудсток-нација, беше наивен обид за редефинирање на американското општество.
И самиот идеолог на оваа вудсток-нација, Сам Хофман, се прашуваше дали хипи-крешчендото „Вудсток“ е зачнување на една нова цивилизација или симптом за умирање на постојната. Дали тие воспоставија слободна зона или, пак, концентрационен логор. Наместо кулминација и конечна потврда на смислата за бунтување, „Вудсток“ им донесе немоќ на тие што дотогаш толку убедливо го ширеа бунтот. Рокерите ги отпеаја своите песни, публиката со нив ги испуши џоинтите и сите се разотидоа дома да ги облечат костимите, припитомени со илузија дека конечно ја приграбија својата слобода.

„Сепак, ’Вудсток’ беше потврда за триумф на солидарноста и толеранцијата, како вистинска цивилизациска придобивка: луѓето помеѓу себе ја делеа музиката, но и дрогата, храната, занесеноста и отрезнувањата, па дури и дождот. Постигнаа една интересна рамноправност – искрените анархисти и младинските активисти, лумпенпролетерите и богатите, поборниците за слободна љубов и калуѓерките, пропаднатите студенти и професорите во мода. Сите тие беа поврзани со љубовта кон музиката, омразата кон војната и презирот кон граѓанското општество, кое се задушуваше во својата самобаналност. Сите нив најмногу од сѐ ги зближуваше фантомот на слободата“ („Доба на херои“, Зоран Пауновиќ, Белград, 2018г.).
Хипиците ја отфрлаа политичката и социјалната ортодоксност, се бореа против авторитетите и бараа начин да побегнат од општествените стеги, сакајќи да ги прошират сопствените видици. Во своето тежнение кон идеалите – мир и љубов – тие не знаеја за ограничувања, поточно не сакаа да ги прифатат. Едноставно, хипиците одбиваа да пораснат. Мислеа дека се раѓаат во некој нов свет во кој владеат мир, љубов и хармонија. Тоа беше нивниот слободоумен начин во обид да ја променат реалноста во општеството. Сепак, не е срушено сѐ до темел од хипи-движењето. Некои негови вредности преживеаја до ден-денес. Дури и зајакнаа. Пред сѐ легализацијата на абортусот, употребата на контрацептивни средства, феминизмот, еколошкото движење и, секако, рок-музиката најмногу од сите.

Сотир Костов