Слика во вредност од шест милиони евра, изгубено ремек-дело на италијански сликар, била пронајдена во домот на една старица недалеку од Париз, пренесува Би-би-си.

Сликата била закачена на ѕид во кујната во стан во францускиот град Компиње. Авторот на ова изгубено ремек-дело е италијанскиот сликар Чени ди Пепо Чимабуе. Станува збор за сликата Christ Mocked, која е дел од серијата слики од крајот на 13 век.

Се верува дека сликата денес вреди шест милиони евра и дека толку ќе ја плати новиот сопственик на аукција во октомври.

Старицата мислела дека сликата е икона. Експертите велат дека нема сомнеж за нејзината автентичност. На сликата биле извршени тестови со помош на инфрацрвена светлина за да се бараат сличности со други дела на италијанскиот сликар.

– Сликата е насликана од истата рака – рекол експертот Ерик Рукин.

Се верува дека сликата е дел од поголема сцена поделена на неколку панели, на кои е прикажан Исус Христос и неговото распнување.