По прогласувањето на Шара за национален парк

По триесетина години неуморна борба, Шар Планина конечно го доби достоинствениот статус. Оваа вонсериска убавица, конечно, е прогласена за национален парк, а Македонија го доби четвртиот национален парк. По прогласувањето на Пелистер и Маврово во 1948 година и на Галичица во 1958 година, ова е првпат да се прогласи национален парк во независна и самостојна Македонија.
Фросина Пандурска Драмиканин од МЕД вели дека, според најавите на МЖСПП, во следните три месеци од прогласувањето на Шар Планина за национален парк Владата ќе треба да формира јавна установа НП „Шар Планина“. Според Законот за заштита на природата, во рамките на оваа установа треба да се формира ренџерска служба што ќе патролира на теренот и ќе врши мониторинг на растителните и животинските видови на подрачјето на националниот парк.
– Во моментов, со помош на експерти од ИУЦН и со поддршка на УНЕП, се подготвува план за управување на заштитеното подрачје, во кој ќе бидат утврдени начините и правилата за управување со природните добра на Шар Планина, како и забранетите и дозволените активности по одделните зони на паркот. Овој процес треба да биде транспарентен како за локалното население така и за општата јавност – вели Пандурска Драмиканин.

По усвојувањето на планот за управување, паркот ќе треба да работи десет години според овој детално утврден документ за да се зачуваат природните ресурси и вредности на паркот.
– Во однос на населението во селата што се во рамките на заштитеното подрачје, нема да постојат никакви рестрикции во врска со традиционалните практики како земјоделство и сточарство. Илегалните активности што постојат сега ќе бидат илегални и во рамките на националниот парк. Но повеќе детали за дозволените и забранетите активности ќе бидат дефинирани во годишната програма, а потоа и во планот за управување на паркот. Многу е важно населението да разбере дека правилното управување со новиот национален парк може да го донесе многу посакуваниот ред на Шар Планина, што за нив како крајни корисници може да има само позитивен ефект. Националниот парк треба да донесе постепено решавање на илегалните активности како ловокрадство, илегални градби и илегална сеча и слично, се со цел крајно зачувување на природните ресурси на Шар Планина – вели Пандурска Драмиканин.
Кога станува збор за директните промени на Шара, ќе треба да се обележат посебните зони за заштита во паркот, како и да се објаснат посебните правила за заштита на природата. Јасно и визуелно ќе треба да се постават табли на кои во одредени делови ќе бидат ограничени активности како палење оган, кампување, движење со моторни возила и слично…
– По тоа следува и едукација на локалното население, која за сите овие промени ќе треба да биде постојана во првите пет до десет години, но ќе биде потребна едукација и за сите туристи што ја посетуваат планината, без разлика дали станува збор за домашни или странски туристи. Како посебни групи со кои ќе треба повеќе да се работи се сточарите, ловџиите, собирачите на шумски плодови и туристичките оператори и угостители. Нови хидроцентрали во паркот, освен оние за кои веќе постои концесија, нема да смее да се градат – истакнува таа.