„Јуритмикс“ е познат и славен музички состав од Велика Британија, основан од Ени Ленокс и Дејв Стјуарт во 1980 година. Ленокс и Стјуарт започнаа како музичко дуо со име „The Catch“, продолжија како „Туристи“, а светска слава стекнаа со името „Јуритмикс“ и мегахитот „Sweet Dreams“. Лидер и погласна половина е Ени Ленокс, шкотска музичарка, пејачка и текстописка, но и политичка активистка и филантроп, позната по својата хуманитарна активност и борба за човекови права. Дејв Стјуарт, пак, е потивката половина од дуетот, кој спојувајќи ги британскиот фолк и американскиот блуз беше еден од пионерите на синтпоп-музиката, позната уште и како нова романтика, футуристички поп, паун панк, нов поп и нова музика. Станува збор за музиката од периодот 1979 – 1985 година, која всушност беше едно движење кон експеримент, авангарда и посинтетички европски звук. Како и да се гледа, синтпоп-музиката е продолжение на панкот.

Денес позната како музика во која синтисајзерите и секвенцерите играат главна улога во заменувањето на нечистотијата на панкот со гламурот на синтпопот. Звукот на синтпопот е британски феномен што создаде платформа за светски успех на некои бендови, меѓу кои многу високо котира токму „Јуритмикс“. Оваа музика на сивилото на британската музичка сцена му даде сјај, гламур и екстраваганција. Тоа е музика што преку концептите на персонален имиџ, дизајн, маркетинг и комерцијализација стана машинерија за создавање ѕвезди како што се „Депеш мод“, „Спандау балет“, „Хјуман лег“, „Јапан“, „Јуритмикс“ и други.

Својот прв албум „In Тhe Garden“ го објавуваат во 1981 година. Тоа беше албум базиран на механичка електронска музика и не наиде на добар прием ни кај публиката ни кај критиката. Следниот албум „Sweet Dreams“, објавен во 1983 година, е комбинација од електропоп и рок-музика. Тоа е времето на МТВ-станицата и популарноста на музичките видеоспотови. Ени и Дејв добро и навреме го сфатиле тоа, и за песните „Sweet Dreams“ и „Love Is a Stranger“ прават иновативни и неконвенционални видеоспотови, кои се многу гледани и слушани и во САД и во Европа, па, така, албумот со овие два хита им донесува голема слава и комерцијален успех.

Во „Sweet Dreams“, Ени Ленокс е вистинска хероина што доминира преку успешниот експеримент со телото, облеката и имиџот. Таа пеејќи создава емоционални чувства што настануваат помеѓу телото, звукот и медиумот. Главната порака на песната е усогласена со зборовите што ги изговара Ени Ленокс, која раскажува приказна за доминација на моќниците, за светските манипулации. Но во спотот има и медитација, како и крави, еден вид еколошки симбол. Сепак, централна фигура е Ени Ленокс, со кратка црвеникава коса, облечена како машко и го цитира Големиот диктатор на Чаплин, во сцената во која Хитлер игра со глобусот. Тука е и Дејв, кој типкајќи на компјутерот, како да ги најавува владеењето на човекот програмиран од компјутер и доминацијата на машината како нов облик на живот. Ако денес само малку погледнеме што правиме на компјутерите, таблетите и паметните телефони, ќе сфатиме дека овој спот бил неверојатно визионерски. Тоа е до видеото. Што се однесува, пак, до музиката, мегахитот е во строг четвртински ритам, каде што се користат чинели, кои ги нагласуваат наизменичните делови на тактот и се користат во клучните точки на песната. Инаку, песната содржи три идентични строфи, со ритмички и мелодиски варијанти. Додека водечките вокали и повторувањето на една строфа и на рефренот ѝ припаѓаат на технолошката естетика на репетиција во синтпопот, придружните вокали како да навестуваат дека „Јуритмикс“ ќе оди и подалеку од европството на синтпопот и ќе го практикува традиционалниот соул-звук.

Видеото на „Love Is a Stranger“ раскажува една друга поинаква приказна. Тоа е приказна за идеалот на женственоста набљудуван низ луксуз и сексуалност, при што површинскиот изглед се прикажува како суштина на посакуваноста. Во спотот Ени Ленокс неколкупати ги менува периките, за што повеќе да збуни со својата сексуалност. Спотот е поддршка на борбата против сите препарати во модата – од карминот до периките. Затоа во едни кадри Ени Ленокс е добро нашминкана, а во други без грам шминка на своето лице и без перика. Природна каква што е со своето убаво лице и кратката црвена коса. Следните два албума, „Touch“ и „1984 (For the Love of Big Brother)“ се во ист стил и многу успешни. Првиот се искачи на првото место на британската топ-листа и содржеше три големи хита: „Whos that girl“, „Right by Your Side“ и „Here Comes the Rain Again“, во чие видео Ленокс е прикажана како селанка, осамена и изолирана трагична хероина во романтичарска иконографија во немирната природа. Таа ја напушта куќата и оди во потрага по некого или нешто, облечена во бела ношница, со фенер, и се движи како месечарка.

До крајот на спотот не дознаваме што или кого бара. Во спотот се појавува и Стјуард како мистичен маж со црни очила, кој со камера ја снима Ени Ленокс. Во оваа нарација тој симболизира закана, но и поддршка на камелеонската природа на Ени Ленокс. Потоа следуваше албумот „Yourself Tonight“, кој претставуваше придвижување кон комерцијален попрок-звук, со нагласен звук на гитара. На албумот гостуваа голем број познати светски музички ѕвезди, како Арета Френклин, Стиви Вондер, Елвис Костело и други.

„Јуритмикс“ постигна значаен глобален, уметнички и комерцијален успех, продавајќи 80 милиони носачи на звук. Комерцијално се најуспешен британски музички дует, познат по песните што ги нагласуваат моќниот алт на Ени Ленокс и иновативните продукциски техники на Дејвид Стјуард. Во 1999 година, колегите ја прогласиле Ени Ленокс за најголема жива бела соул-пејачка, во 2006 година Кралската музичка академија на Велика Британија ја прогласи за почесен член, а истото тоа го направи и Кралската шкотска академија за музика и драма истата година. Амбасадорка е на добрата волја на УНЕСКО за мировни активности и борба против сидата. Во 2011 година, кралицата Елизабета Втора ѝ додели на Ени Ленокс орден за хуманитарна работа на Британската Империја.

(Извадок од книгата во печатење „Обожавани музички икони“, заеднички проект на Сотир Костов, автор на текстот, и Александар Станковски, автор на портретите во комбинирана техника и колаж на музичките ѕвезди)