Голем број светски познати личности, од повеќе области, починаа во 2018 година. Ќе ги наброиме имињата на некои од нив

Легендарниот џез-трубач Хју Масекела, познат како татко на јужноафриканскиот џез и водечка личност во борбата против апартхејдот, почина на 23 јануари, на 78 години. Неговиот карактеристичен афроџез-звук имаше глобална публика, а хитовите како што е „Soweto Blues“, објавен во 1977 година, станаа синоним за движењето против апартхејдот.

Ингвар Кампрад, основач на шведскиот трговски синџир за продавање мебел „Икеа“, почина на 91-годишна возраст на 27 јануари. „Икеа“ беше пионер на концептот на евтин мебел со рамно лежиште и радикално ги промени идеите за внатрешниот дизајн за домот. Камград ја основал „Икеа“ како 17-годишник во 1943 година. Оваа компанијата прерасна во мултинационален гигант со 389 продавници низ светот.

Били Греам Јуниор, американски евангелист, кој стана еден од највлијателните проповедници на 20 век, почина на 99-годишна возраст на 21февруари. Греам прв ја користел телевизијата како медиум за да ја пренесе христијанската порака до обожавателите и се проценува дека проповедал за стотици милиони луѓе низ целиот свет во текот на својата 60-годишна кариера.

Роџер Банистер, првиот човек што истрча милја за помалку од четири минути, почина на 3 март, на 88 години. Подоцна тој стана водечки невролог. Неговото место во историјата беше запечатено кога ја проби границата со време од 3 минути 59,4 секунди на спортскиот терен Ифлеј Роуд, во Оксфорд на 6 мај 1954 година.

Стивен Хокинг, светски реномиран британски физичар и космолог, почина на 76-годишна возраст на 14 март. Авторот на „Кратка историја на времето“ прв ја постави теоријата за космологијата како спој на релативноста и квантната механика. Тој, исто така, откри дека од црните дупки истекува енергија и се губи во „ништо“, феномен подоцна познат како Хокинсово зрачење. На 22 години му е дијагностицирана ретка болест на моторните неврони, која постепено го парализира.

Барбара Буш, поранешна прва дама на САД, почина на 92-годишна возраст на 17 април. Таа беше матријарх на политичка династија, која вклучуваше двајца претседатели, нејзиниот сопруг Џорџ Х.В. Буш и син Џорџ Буш, и поранешниот гувернер на Флорида, Џеб Буш. Таа водеше долгогодишна кампања за социјална правда, зборуваше против расната сегрегација и грижата за својата тежина ја стави зад напорите за искоренување на неписменоста во САД.

Марија Буено, бразилска тениска ѕвезда, умре од рак на 78-годишна возраст на 8 јуни. Таа е највисоко рангирана спортистка во светот во доцните 1950-ти и раните 1960-ти години. Освоила седум гранслем-титули (три на Вимблдон и четири на САД опен), плус 11 во женски двојки и една во мешани двојки, што ја направи најуспешна женска тенисерка во Јужна Америка.

Поранешниот премиер на Индија, Атал Бехари Ваџпаи, почина на 16 август на возраст од 93 години. Тој беше еден од основачите на хиндуистичката националистичка партија Бхаратија Јаната (БЈП) и трипати беше премиер на земјата во периодот од 1996 до 2004 година. Тој даде голем придонес за прераснувањето на Индија во глобална нуклеарна сила, но исто така се заложи за подобрување на односите со соседниот Пакистан.

Арета Френклин, која ја нарекуваа и кралицата на соулот, остави зад себе многу хитови, меѓу кои се и „Respect“ и „Natural Woman“, почина од рак на 16 август, на 76 години. Се смета за една од најголемите пејачки на сите времиња, 10 нејзини албуми се искачија меѓу топ 20, а издала и синглови со милионски тиражи и освоила 18 награди „греми“ во својата 50-годишна кариера.

Поранешниот генерален секретар на ОН, Кофи Анан, почина на 80-годишна возраст на 18 август. Анан е роден во Гана, во два наврати беше шеф на ОН, од 1997 до 2006 година и добитник е на Нобеловата награда за мир во 2001 година за неговата хуманитарна работа. Негово најголемо достигнување е проектот „Милениумски развојни цели“, насочен кон намалување на сиромаштијата и на детската смртност во светот.

Џон Меккејн, виетнамскиот воен херој, американскиот сенатор и претседателски кандидат, почина од рак на мозокот на 25 август на 81-годишна возраст. Мекејн помина повеќе од пет години како воен затвореник, изложен на тортура, што резултира со траен инвалидитет. Во политиката ја застапуваше конзервативна линија, но беше подготвен да ги надмине републиканските партиски црвени линии за голем број прашања.

Берт Рејнолдс, филмска ѕвезда што врвот на популарноста ја имаше во 1970-тите, почина на 5 септември на 82-годишна возраст. Рејнолдс беше познат по своите мустаќи, неодолив шарм и досетлив хумор, а светска слава постигна со филмот „Избавување“, по што стана холивудска ѕвезда. Некои од неговите попознати улоги се во филмовите: „Смоуки“, „Бандит“, „Топовски удар“ и „Буги ноќи“.

Францускиот пејач и текстописец Шарл Азнавур почина на 94-годишна возраст на 1 октомври, по 80 години успешна музичка и филмска кариера. Тој стана познат со своите хитови од 1974 година, продал повеќе од 180 милиони плочи и снимил над 60 филма, а издал и неколку книги со поезија. Азнавур, кого често го споредуваа со Френк Синатра, е роден во Париз во 1924 година од ерменски родители, кои избегале од геноцидот во нивната татковина за да почнат нов живот во Франција.

Саудискиот новинар Џамал ​​Кашоги беше убиен во саудискиот конзулат во Истанбул, Турција, на 2 октомври, откако влегол да добие документи за да стапи во брак со својата турска свршеница. Имаше 59 години. Кашоги беше истакнат критичар на саудискиот принц Мохамед бин Салман и се верува дека бил убиен од тим од 15 лица испратени од Ријад. Принцот негираше дека има каква било врска со неговото убиство.

Шпанската оперска пејачка Монсерат Кабаље почина на 6 октомври на 85 години. Таа во светот на славните зачекори со улогата во операта „Лукреција Борџија“ на Гаетано Диницети, отпеана во „Карнеги хол“ во Њујорк во 1965 година. Стана популарна кај пошироката публика по снимањето на песната „Bracelona“, во дует со Фреди Меркјури од групата „Квин“, која стана официјална химна на Олимписките игри во Барселона во 1992 година.

Пол Ален, коосновач на „Мајкрософт“, почина на 65-годишна возраст на 15 октомври од компликации на Нехочкиновиот лимфом. Заедно со школскиот другар Бил Гејтс, тој го основа технолошкиот гигант во 1975 година. Ја напушта компанијата во 1983 година и станува успешен инвеститор.

Стен Ли, американски стрип-сценарист, издавач и бивш претседател на издавачката куќа „Марвел“, почина на 12 ноември на 95-годишна возраст. Како сценарист соработуваше со цртачите Џек Кирби и Стив Дитко, создавајќи ги стрип-јунаците како: Спајдермен, Халк, фантастичната четворка, Ајрон Мен, Тор, Икс Мен и многу други. Ли малата издавачка куќа „Марвел“ ја претвори во мултимедијална корпорација.

Италијанецот Бернардо Бертолучи, режисер на култните филмови „Последното танго во Париз“ и „Последниот кинески цар“, почина во Рим на 26 ноември, на возраст од 77 години. Познат по неговиот смел визуелен стил, тој освои два „оскара“, за режија и како косценарист на „Последниот кинески цар“. Стана познат по контроверзните сцени со експлицитната сексуална содржина во „Последното танго во Париз“.

Поранешниот американски претседател Џорџ Х.В. Буш почина на 30 ноември, на возраст од 94 години, седум месеци по смртта на неговата сопруга Барбара. Буш беше 41-от американски претседател, од 1989 до 1993 година, а неговото претседателствување беше одбележано со сеизмички надворешнополитички настани вклучувајќи го и крајот на Студената војна и почетокот на првата војна против Ирак, која резултира со соборување на Садам Хусеин.