Mногубројни меѓународни и индиски познати личности учествуваа на добротворниот концерт „Јас за Индија“ на кој беа собрани околу 396 илјади долари за најпогодените од пандемијата на коронавирус во Индија, пренесуваат светските медиуми. Славните учесници имаа изведби од дома, а настанот беше организиран преку Фејсбук.

Меѓу учесниците на концертот кој траеше преку четири часа беа Брајан Адамс, Мик Џегер, Минди Калинг, Џек Блек, Ник Џонас, Софи Тарнер и Вил Смит. Од индиските таленти учествувале Шах Рух Кан, А.Р. Рахман, Акшај Кумар, Амир Кан, Хритик Рошан, Пријанка Чопра Џонас, Видија Балан, Ајушман Куранана, Алиа Бат, Фархан Ахтар и Ајшварија Раи Бачан како и индиските ѕвезди во крикет Вират Кохли и Рохит Шарма.

Настанот имаше три цели – да ги забавува оние кои се затворени во карантин; да им оддаде почит на оние што работат на првите фронтовски линии против пандемијата и да собере средства за оние кои немаат работа или дом и кои не знаат од каде ќе дојде нивниот следен оброк. Сите приходи од концертот ќе одат во фондот за одговор на ковид-19 управуван од „Гивиндија“.

– Како компанија, „Фејсбук“ е посветен да биде сојузник за Индија бидејќи земјата се бори со појава на коронавирус. Нашите напори досега беа насочени кон обезбедување пристап до точни здравствени информации и поддршка на заедниците. Неодамна „Фејсбук“ започна добротворна фондација за собирање на средства, кои им овозможуваат на луѓето да ја искористат во целост моќта на платформата и нивната страст, да ги насочуваат ресурсите кон иницијативи што можат да штитат и спасат животи – рече Ајит Мохан, потпреседател и извршен директор на „Фејсбук“ во Индија.