Пејачката Кејти Пери (лево) е меѓу славните личности кои застанаа во одбрана на Елен Деџенерис

Славните личности сакаат светот да знае дека Елен Деџенерис е фина кон нив, реагирајќи на медумските тврдења за лошото постапување со вработените во нејзиното телевизиско шоу, пишува „Атлантик“.

Пејачката Кејти Пери на Твитер објави дека таа имала само „позитивни искуства од времето поминато со Елен“. Ештон Качер, Кевин Харт, Џеј Лено, Дајен Китон и Скутер Браун изнесоа слични мислења за љубезноста на Деџенерис, како одговор на обвинувањата кои ја претставуваат како безчувствителна кон персоналот, обожавателите и кон други луѓе во забавната индустрија.

Со целиот напор, славните бранители успеаја само да ја подријат поентата на незадоволството кон Деџенерис. Не се тврди дека таа постапувала лошо кон славните гости во шоуто. Таквото извитоперување на реалноста од страна на славните доведе до штета за обичните луѓе.

Во написите објавени од „Базфид“, сегашни и поранешни вработени во шоуто на Деџенерис опишуваат сексуално вознемирување од тројца продуценти, расизам кон црномурест член на персоналот и општа склоност кон малтретирање на работното место. Известувањето на „Базфид“ доаѓа по зголемениот скептицизам на јавноста кон Деџенерис, а вработени во шоуто кои сакаа да останат анонимни не се согласуваат околу прашањето дали Деџенерис била свесна за проблемите на работното место.

Кампањата под слоганот „Сменете ја Елен“ се прошири на Твитер неделава, а извори на „Ју-ес викли“ тврдеа дека таа би можела да го напушти шоуто. Да се види Деџенерис како се соочува со критичарите и го преиспитува сопственото однесување би било просветлувачки. Но, засега, нејзината одбрана дојде од славните гости кои добро се согласуваат со неа. Впечатокот дека љубезноста на Деџенерис кон славните е одраз на нејзината основна пристојност, сепак, не значи дека не постои разбирање за тежината на обвинувањата со кои се соочува. А дури и дел од славните кои се на страната на Елен сфаќаат дека постои проблем.