Кимсуџа

Највлијателни современи уметници на денешницата

Мултидисциплинарниот стил на Кимсуџа и на Аи Веивеи, како и ангажираноста во активизмот, на нивната уметност ѝ даваат способност да привлече внимание и да поттикне размислување за актуелните прашања на денешницата. Кимсуџа твори преку фотографии, скулптури, перформанси и инсталации, додека Аи Веивеи се занимава со фотографија, скулптура, филм, перформанси и инсталации, истражувајќи ги врските помеѓу современиот свет и традиционалната кинеска култура.

Јужнокорејската уметница и кинескиот уметник создадоа дела кои треба да ја подигнат светската свест за имиграцијата, односно за светската бегалска криза, кои и моментно се горливи теми.

Кимсуџа ја претстави имиграцијата преку делото „Да се дише – зона од никаде“ од 2018 година, во кое со комбинирање на шест национални знамиња се формира транснационално знаме. Знамињата се наредени по абецеден ред, вклучувајќи ги и оние на нациите кои не се меѓународно признаени, без хиерархија или политички предрасуди. Делото потекнува од видеото „Да се дише – знамињата“ изработено по нарачка од Интернационалниот олимписки комитет за Летните олимписки игри во Лондон во 2012 година, во кое се претставени 246 знамиња, меѓу кои и македонското, во континуирано кружење кое ги претопува во еден дизајн.

– Сакав да ги претставам знамињата како непрепознатливи меѓусебно вткаени визуелни симболи, за да се пренамени нивната цел како симболи на суверенитетот и државноста, и да се замаглат и надминат националните граници. Делото е повик за коегзистенција и за идеален свет во кој индивидуалците можат да се обединат во славјето на разликите и заедничката хуманост.

Аи Веивеи ја изработи седуметарската инсталација „Позлатениот кафез“ која неодамна беше изложена во палатата Бленхајм во Англија. Делото првично беше конструирано во 2017 година за потребите на Централ Парк во Њујорк.

Аи Веивеи пред „Позлатениот кафез“

– Го направив „Позлатениот кафез“ недолго откако излегов од Кина, по четири или пет години поминати во затвор. Ги истражував мигрантите во Европа за да направам филм и Јавниот уметнички фонд во Њујорк ме праша да изработам проект. Кафезот беше недалеку од „Трамп тауер“. Делото изгледа како кафез за птици и е двослојно, за публиката да може да влезе во него и да види како изгледа светот оттаму – објаснува Веивеи.

Студентите што ќе се запишат на Факултетот за ликовни уметности (ФЛУ) во претстојната академска година ќе имаат прилика да добијат образование и обука што ќе им овозможат самостојно да опстојат на домашната или на меѓународната ликовна сцена по завршувањето на студиите. Во рамките на ФЛУ се реализираат студиски програми по сликарство, вајарство, графика и по ликовна педагогија. Пријавувањето за уписот е во тек.