„Скопје колинг 2020“, иако се одржа во услови на пандемијата на коронавирусот што го зароби целиот свет, на публиката ѝ овозможи, со сите мерки на претпазливост, за миг да заборави на сите глобални предизвици и да ужива во квалитетна македонска музика

Годинашното петто издание на фестивалот „Скопје колинг“ беше посветено на македонски бендови. Завчеравечер на стадионот на АРМ во Градскиот парк во Скопје, низ спој на младост, талент, искуството и оригиналност, сите што присуствуваа на овој четиричасовен концерт се чувствуваа светски, слушајќи четири извонредни македонски групи. Секоја важна и посебна на свој начин.
На извонредно озвучената сцена, со одлични светлосни ефекти, први мразот го скршија членовите на „Плутос даутс“, кои важат за големи надежи на македонската алтернативна сцена. И со право е така. Тие изјавија дека им е чест што се дел од овој фестивал, а настапот ѝ го посветија на неодамна починатата Нина Спирова, според многумина, најдобрата македонска пејачка на сите времиња. Групата звучеше авангардно и многу сигурно, а и текстовите им се оригинални и во духот на времето во кое живееме. Во една од последните песни, заедно со нив на сцената се појави и младата пејачка Ива, на која ова ѝ беше прв јавен настап, но нејзиниот глас убаво се вклопи во музичката приказна на „Плутос даутс“.

Втори ги слушнавме членовите на „Фанк шуи“, кои се пробија со својата оригиналност и експлозивност, карактеристичен звук и вокал. Извонредна беше изведбата на песните „Стаклени нозе“ и „Крик“, поткрепена со поддршката од публиката, која ги знаеше сите нивни песни, а слушнавме и нови, кои исто така го имаат нивниот печат. „Фанк шуи“ во чест на групите со кои ја делеа сцената на „Скопје колинг“ отсвиреа делови од нивните најголеми хитови, „Шефе“ на „Ласт експедишн“ и „Везилка“ на „Фолтин“.
На голема радост на публиката, по повеќегодишна пауза, трети настапија членовите на „Ласт експедишн“, една од најзначајните македонски рок-групи. Верните обожаватели со нетрпение го чекаа нивното враќање, а се покажа дека имало и зошто. Енко, неговиот брат Сецко и другите членови на групата беа во одлична форма. Најпрво ги слушнавме новите песни, летниот хит „Охридско море“ и „Хеј хо“, а потоа згрмија постарите нумери од четирите издадени албуми: „Интро“, „Изгубени ликови“, „Бокс“ и „Live in А1“, меѓу кои беа и „Далеку“, „Уморен и сам“, а извонреден беше и настапот со членовите на „Чиста околина“, со кои ги испеаја „Ќелав дабар“ и култната „Шефе“, која неодамна доби нова верзија, со гитарата на некогашниот член Кире Најдовски, кој сега живее во САД, за која е снимен и интересен спот, и тоа за време на полициски час.

Публиката бурно реагираше по секоја песна, а пејачот Енко не можеше да ја скрие радоста што е повторно на сцена. Всушност, сите членови на „последната експедиција“ дадоа сѐ од себе овој нивен повратнички концерт да го добие епитетот – незаборавен. По вистинската експлозија од позитивна енергија на Енко и „Ласт експедишн“, на сцената се качија искусните „Фолтин“, а веќе разиграната и распеана публика заедно со нив ги избираше песните што сака да ги слушне и танцуваше на тревата. Меѓу другите прозвучија: „Ми се води љубов“, „Добар ден добри луѓе“ и „Везилка“, а темпераментните и страсни битолчани и овој пат со својот перформанс покажаа зошто се едни од најангажираните македонски групи, чии концерти се секогаш различни и оригинални. Така и овој пат бевме дел до музички театар под ведро небо. Иако публиката не сакаше да си оди и бараше бис, светлата на сцената се изгаснаа некаде во 1.15 часот по полноќ.
„Скопје колинг 2020“, во организација на „Авалон“, со поддршка на Град Скопје и на Министерството за култура, иако се одржа во услови на пандемијата на коронавирусот што го зароби целиот свет, на публиката ѝ овозможи, со сите мерки на претпазливост, за миг да заборави на сите глобални предизвици и да ужива во квалитетна македонска музика.