По повод 57 години од земјотресот

Скопје е опеано во многу песни на автори од повеќе генерации. Убавите мелодии живеат и денес, а некои од нив доживеаја повеќе изданија. Во пресрет на одбележувањето на 57-годишнината од катастрофалниот земјотрес што го разурна Скопје на 26 јули 1963 година, да се потсетиме на некои мелодии во кои е опеана душата на градот на Вардар.
Меѓу првите за Скопје пееше Љупка Апостолова, а оваа песна на Миодраг Мицев потоа ја сними и вокалниот квартет „Импулси“, заедно со видеоприказна на која се гледа како пулсирал градот пред земјотресот.
Основоположниците на македонската забавна музика Зоран Милосављевиќ, Нина Спирова и Томислав Маниќ исто така снимија песни за Скопје.
– Имам 87 години, а во Скопје, од родниот Пирот, дојдов на 18 и не би го менувал за ништо на светот. Колку и да сакав да си заминам, постојано му се враќам на овој град. Во мојата долга музичка кариера сум снимил и сум отпеал многу песни, а меѓу нив е и „Спиј Скопје спиј“, што ја пееја голем број пејачи, а меѓу нив и Даниела Панчетовиќ и „Песна за Скопје“ на Љупчо Мирковски, која ја реализиравме во 1991 година.

На моја голема радост има и убава снимка од неа, од едно мое телевизиско шоу, па може да се слушне на социјалната мрежа Јутјуб. Се сеќавам пред земјотресот, кога со колегите приредувавме концерти во Скопје, публиката секогаш со голем аплауз ги поздравуваше песните за нашиот град, тие беа нашата лична карта и драго ми е што тие уште живеат – ни рече доајенот на македонската забавна музика Томислав Маниќ.
Зоран Милосављевиќ ја отпеа „Скопје граду мој“, а песната „Зборувај ми за Скопје“ на Тодор Бојаџиев ја сними Нина Спирова. Неодамна таа доживеа нова верзија, за која се погрижија Сара Мејс и Калина Велковска.
И Зафир Хаџиманов го овековечи својот сакан град во песната „Не се давај Скопје“, а Драган Мијалковски пееше „Скопје младост моја“. Александар Џамбазов голем дел од своето творештво му посвети на Скопје. За неговата „Рапсодија за Скопје“ за пијано и симфониски оркестар, тој во 1966 година го доби највисоко признание на меѓународниот фестивал „Кава де Тирени“ во Италија.

Автор е и на хорската композиција „Скопје расте“, како и музиката за филмот „Мементо“, што говори за состојбата во градот непосредно по катастрофалниот земјотрес. Џамбазов е еден од основоположниците и на фестивалот на детската песна „Златно славејче“, каде што првпат беше изведена неговата „Песна за Скопје“, на текст на Бошко Смаќоски, а подоцна и неговата песна „Дојди во Скопје“.
– Ја сум дел до „Златно славејче“ веќе 27 години и химна на фестивалот беше и ќе биде „Песна за Скопје“ или „Градот убав“, како што е попозната на маестро Александар Џамбазов, која за многумина е и симбол на нашиот убав град. Прекрасно е да се види како на отворањето на секој фестивал плескаат детските рачиња во салата додека славејчињата пеат „Градот убав пак ќе никне, среде песни в дружен фат, пак ко сонце цел ќе бликне, како топол нежен кат. Скопје младост ти ќе бидеш, Скопје ти ќе бидеш цвет, ти ќе бидеш израз свиден, на сè братско в овој свет“.

На фестивалот имавме и други песни за нашата метропола. Така, „Скопје е мојот град“ на композиторот Томислав Таневски на текст на Орце Зафировски ја испеа Вејчеслав Поповски, а во 2017 година Александар Митевски, кој е и автор, и Бени Шакири со славејчињата ја испеаја „Скопје граду мој“ – вели Бобан Јосифовски, првиот човек на фестивалот „Златно славејче“.

Својот град го опеа и кантавторот Владо Јаневски во песната „Ова е само наше Скопје“, Игор Џамбазов ја сними „Скопје – Сарај – Матка“, а омилена тема на скопјани е и песната „Скопје“ на групата „Леб и Сол“, која минатата година ја сними и Биба Додева. Александар Митевски ја сними и песната „Мојот град“, а со Драган Спасов-Дац деновиве планираат да промовираат уште една песна за Скопје. И раперот Тони Зен преку своите песни „Скопје е мојот град“ и „Град липа“ пее за своето родно место. Песна за Скопје снимија и групите „Културно уметнички работници“ и „Т.Б. Трачери“.
Српскиот пејач Никола Чутурило сними песна и спот за Скопје во 1988 година, а пред неколку години Даниел Кајмакоски и Жељко Јоксимовиќ во дует пееја „Скопје – Београд“. За Скопје пееја и народните пејачи: Никола Бадев, Васка Илиева, Александар Сариевски и сестрите Мавровски.