Во знак на одбележување на Светскиот ден на детето зградите и обележјата во Скопје беа осветлени во сина боја како симболичен гест за унапредување на правата на децата во нашата земја. Владата, Собранието, ТАВ Македонија со меѓународниот аеродром „Скопје“, Министерството за образование и наука, Археолошкиот музеј, Музејот на македонската борба, Халк банка, кулите Џевахир, Амбасадата на Италија и други се приклучија кон иницијативата.

„Осветли во сино“ за Светскиот ден на детето е глобална иницијатива и, во тие рамки, Европскиот парламент во Брисел, кулата Шангај во Кина, Пантеон во Франција, Акрополис на Атина во Грција, Палатата на мирот во Хаг, Холандија, Раштрапати Бахаван во Индија, Петра во Јордан, куќата „Фрида Кало“ во Мексико, мостовите на Босфор во Турција и многу други познати обележја вчера светнаа во сина боја.

Секоја година на 20 ноември, по повод потпишувањето на Конвенцијата на Обединетите нации за правата на детето, светот го слави Денот на децата. Оваа година е посебна бидејќи се одбележува 30-годишнина од конвенцијата и време е да се преземат обврски за справување со некои од новите предизвици со кои се соочуваат децата и младите, а притоа да се искористат можностите на современиот свет.

Заедно со Владата и во партнерство со делегацијата на Европската Унија, УНИЦЕФ во нашата земја организира низа активности за одбележување на 30-годишнината од донесувањето на Конвенцијата за правата на детето.
Па, така, училиштата низ целата земја пишуваа за иднината на детството како дел од активностите во рамките на „Најголемата лекција на светот“. Над 1.300 деца ги доставија своите креативни дела, од кои дел ќе биде изложен на состанокот на високо ниво во Владата, насловен „За децата, со децата“.

Јане Велковски, 11-годишен застапник на лицата со попреченост, учествува на глобалниот самит на УНИЦЕФ во седиштето на Обединетите нации во Њујорк, каде што децата и младите испратија повик за акција за заштита и унапредување на правата на децата. Во тек е и кампањата за активирање во социјалните медиуми „Каква иднина сакам за децата“, која почна со претставување почитувани членови на заедницата, кои ги споделуваат своите пораки за иднината што ја посакуваат за децата и ја повикуваат јавноста да го стори истото тоа. Исто така деца и млади наскоро ќе учествуваат на средба на високо ниво „За децата, со децата“, организирана од Владата во партнерство со УНИЦЕФ и делегацијата на ЕУ и Младински образовен форум.