Првпат во Македонија е издаден календар на кој како модели се појавуваат пожарникарите на Бригадата на градот Скопје. Оваа идеја ја зачна Михаил Караколев, кој е од еден „спасителите на градот“, па со креативна реализација на уметничкиот фотограф Димитар Апостолов, идејата целосно се реализира. Календарот ќе биде промовиран вечерва, во 20 часот, во пивницата „Колектив“. Караколев вели дека ова значи историски подвиг, но и промоција на службата каква што досега немало.

– Храбар чекор, за кој постоеше ризик од неприфаќање на некои стандарди и размислувања за кои Европа и светот одамна ставија крај. Ми се оствари желбата да формирам тим од млади и надежни пожарникари, со слични амбиции, во име на издигање на нашата свест и мотивација како работници, а потоа и промена на размислувањето кон нас – вели Караколев.

Фотографот Апостолов досега работел и со професионални модели, но ги документирал и обичните луѓе во повеќе концептуални фотографски проекти. Сепак, ова е прва негова работа со ваква служба, а за пожарникарите има само пофални зборови.

– Фасциниран сум од нивната љубов кон работата и од тоа колку се подготвени да се жртвуваат за неа. Ваква професионалност и подготвеност не очекував дека поседува некоја служба кај нас. Михаил ја даде идејата за календарот, мене ми се допадна и решивме да ја реализираме докрај – вели Апостолов.