Се проценува дека оригиналната серија „Сквид гејм“ (Играта лигња) вреди речиси 900 милиони долари за „Нетфликс“, објави „Блумберг“, повикувајќи се на податоци од интерен документ на стриминг-гигантот.

Трилерот со девет епизоди, во кој натпреварувачи играат детски игри со смртоносни последици во обид да освојат 45,6 милијарди вони (52 милиони долари), стана меѓународен хит, откако беше објавен минатиот месец.

Во споредба со проценетата нето-вредност, продукцијата на серијата чинеше само 21,4 милиони долари, тврди „Блумберг“.

Според извештајот, околу 132 милиони луѓе гледале најмалку две минути од серијата во првите 23 дена, со што лесно го срушија рекордот поставен од драмата „Бриџертон“, која беше стримувана од 82 милиони претплатници во првите 28 дена.

„Нетфликс“ претходно објави дека серијата собра 111 милиони гледачи, но „Блумберг“ вели дека тие бројки се базираат на малку постари податоци, што значи дека гледаноста сигурно се зголемила во меѓувреме.

„Нетфликс“ одби да го коментира извештајот. Адвокат на компанијата изјави дека би било несоодветно за „Блумберг“ да ги открие доверливите податоци содржани во документите кои ги прегледал.