Уште од првото официјално учество на Македонија на фестивалот „Евровизија“ во 1998 година, речиси ниеден наш претставник ја немал таа привилегија да замине без афера за наводно местење на гласовите и други перипетии. Всушност наш прв несуден претставник на „Евросонг“ е Калиопи со песната „Само ти“, која не доби виза од жирито во претквалификациите во Женева. Не учествуваме ни следната 1997 г., кога државите со најмалку просечни поени од претходните четири години беа исклучени од учество. Владо Јаневски прв пееше на евровизиската сцена во Бирмингем, кога ја исполни „Не зори зоро“, но веднаш по објавата на победата почна да се шпекулира за местење на гласовите добиени со телефонски јавувања. Во 2000 година нѐ претставуваа девојките од групата „ХХЛ“, со песната „Сто посто те љубам“, во Стокхолм, но на домашната јавност поинтересен ѝ беше фактот што поради трема девојчињата малку фалшираа, па се крена голема врева околу тоа.
Во 2004 година, Тоше Проески беше нашиот претставник во Истанбул со песната „Life“, кој носеше бела долга одора, креација на Ношпал, која наиде на бурни критики во јавноста. Следната 2005 година македонските бои на „Евровизија“ во Киев ги бранеше Мартин Вучиќ со „Make my day“. Победата на Скопскиот фестивал му го обезбеди учеството, но се случи скандал кога второпласираната Александра Пилева бурно реагираше за наводно местење на резултатите. Пред Универзалната сала имаше и вистинска тепачка. Во Белград во 2008 г. за Македонија пееја Тамара, Адријан Гаџа и Врчак со „Let me love you“, а медиумите ја обвинија Тамара за лошиот стил. Во 2010 г. наш претставник беше Ѓоко Таневски со „Јас ја имам силата“, а од овој избор Танески го доби прекарот Фиш (риба), поради лошиот англиски во едно интервју, по што беше исмеан од целата македонска јавност. Освен тоа, неговата победа на Скопскиот фестивал според тимот на второпласираниот Влатко Илиевски беше дискутабилна. По неколку години отсуство, мразот го скрши Калиопи во 2012 г. со песната „Црно и бело“ и конечно бевме меѓу финалистите во Баку. Но на првата прес-конференција во МРТ пред да замине, Калиопи од новинарите беше нападната дека била против учеството на Тоше Проески на „Евровизија“. Оттогаш одговорните во МРТ, како носители на лиценцата, веќе не прават прес-конференции, туку своите претставници ги избираат интерно и ги претставуваат преку соопштенија.

Во 2013 г., кога во Малме нѐ претставуваа Есма и Лозано, исто така се случи голем скандал. Првично избраната песна „Империја“, за која беше снимен и спот, МРТ брзо ја повлече по лавината реакции на јавноста и ја смени со песната „Пред да се раздени“. Есма беше многу навредена од одлуката, а синот Симеон најави дека тоа што се случувало заткулисно ќе го објави во книга.
Даниел Кајмакоски во 2015 г. со победата на Скопскиот фестивал беше избран за наш претставник на „Евровизија“ во Виена, со песната „Лисја есенски“, на композиторот Јоаким Персон, но поради местење на резултатите во телефонското гласањето имаше и уапсени лица од страна на МВР. Потоа песната беше сосема сменета. Следната 2016 г. во Шведска, наша претставничка повторно беше Калиопи со „Дона“ на Ромео Грил, но овој пат не влезе во финалето, а тоа не го направија ниту Јана Бурческа во 2017 г. во Киев со „Dance alone“, која ќе остане запаметена по тоа што за време на гласањето пред целиот евровизиски аудиториум доби свршенички прстен од своето момче.
Не беа финалисти ни Бојан и Марија од „Ај кју“ во 2018 г. во Лисабон со песната „Lost and Found“, но бевме забележани, бидејќи Марија беше прогласена за најлошо облечена учесничка на „Евровизија“ таа година.
Овој лош период падна во заборав во 2019 г. во Тел Авив, кога Тамара ја испеа песната „Proud“, освојувајќи го високото седмо место, нашиот најголем успех на овој избор. Малерот се случи по нејзиното враќање, кога на 4 јули, на приемот во американската амбасада таа ја пееше македонската химна и при изведбата направи грешка во текстот.

Следуваа јавен линч и нејзино долго непојавување во јавноста.
Минатата година Васил Гарванлиев требаше да нѐ преставува во Ротердам со песната „You“, но поради пандемијата на коронавирусот фестивалот не се одржа. МРТ одлучи тој и годинава во Холандија да нѐ преставува со песната „Here I stand“, чиј автор е самиот, но по објавата на спотот за оваа нумера јавноста бурно реагираше поради тоа што, наводно, во секвенца од неколку секунди е прикажано бугарско знаме. Подоцна се воспостави дека всушност се работи за уметничко дело со слични бои и со одлука на евровизискиот тим спорните кадри се отстранети. Сепак, бурните реакции не стивнаа, бидејќи се појави снимка на која Гарванлиев вели дека, освен македонски поседува и бугарски пасош и оти има роднини во Бугарија. Во тек на социјалните мрежи се потпишуваат петиции за негово неучество на „Евровизија“. На својот фејсбук-профил Гарванлиев јавно им се извини на сите, доколку повредил некого со спотот. Останува МРТ да реагира и да го изнесе ставот на куќата, која е носител на лиценцата за учество на нашата земја на „Евровизија“. При сево ова не смееме да заборавиме дека македонското учество на овој престижен фестивал чини од 120 до 150 илјади евра.