Групата „21 век“ го објави својот трет студиски албум насловен „Си нацртав живот“, кој под етикетата на „Пасворд продакшн“ веќе е достапен на сите поголеми дигитални музички платформи. Бендот „21 век“ е создаден од постпанк-круговите на македонската алтернативна сцена и формиран од долгогодишните соработници и другари: Васко Атанасоски – вокал, Дени Крстев – гитара и програмирање и Раде Јордановски – бас. Докажани имиња за музичките познавачи, кои публиката ги препознава и како членови на култните „Бернајс пропаганда“, „ХаХаХа“, „Фикс, Пикс, Оикс“, „Фониа“, „Мај тиар“. Сега, со новиот албум, групата се покажува во сосема поинакво светло од она на кое сме навикнати од нив во минатото. Tажните мелодии и љубовните текстови се основата на новиот албум и звук на „21 век“, кој „Си нацртав живот“ го најавува како љубовно-исповедничка плоча, базирана на вистински настани.
Албумот е сниман во долг период (од 11 јануари 2020 до 17 јули 2021), во студиото „1060“ од Дени Крстев, кој наедно е и продуцент на ова издание, кое носи осум нови песни. Сите песни ги напиша бендот, а насловната страна е на Дамеска Дона.
Групата претходно го најави албумот со два сингла, кои беа објавени и со видеозаписи во режија на Милан Блажевски, првиот објавен во јуни годинава за песната „Ужасно ми фалиш“, а кон крајот на август излезе и видеото за „Сама види си“. Групата „21 век“ веќе има три албуми и има отсвирено концерти низ Словенија, Хрватска, Холандија, Франција, Србија, Унгарија, Македонија и Чешка. Во август тие беа дел од програмата на главната бина на „Д фестивал“ во Дојран, а нивниот следен настап е вечерва, 10 септември, во рамките на мултимедијалниот фестивал „Кокино – Тврдина на сонцето“.