Американската телевизиска куќа Си-ен-ен избра 50 слатки деликатеси за кои смета дека се најдобри на светот. На листата е еден омилен балкански десерт – баклавата. Опишана е како благо со повеќе слоеви, со напомена дека се работи за попарен колач и потсетување дека баклавата е наследство од Османлиското Царство.
Освен на Балканот, според Си-ен-ен, десертот е популарен во Левант, на Кавказот и во Северна Африка, со акцент дека станува збор за делови на светот со кои владееле османлиите. Турција е наведена како „духовен дом“ на баклавата. Истакнато е дека во оваа држава служат баклави исечени во вид на ромб и оти се прават од кори, фил од ореви или ф’стаци, прелиени со шербет или меден сируп.
Се нагласува дека баклавата е само еден од слатките специјалитети што се сметаат за наследство од Османлиското Царство, но со причина е најпознат.