Фото: Дарко Андоновски

Со невиден ентузијазам, Томовска сѐ уште снима, настапува и се надева дека оваа или следната година ќе одржи уште еден голем концерт за паметење, заедно со своите соработници

Виолета Томовска, првата дама на македонската народна музика, иако неодамна наполни 73 години, сѐ уште има енергија, волја и бисерен глас, на верната публика од повеќе генерации да ѝ ги стопли срцата пеејќи ги своите аманет-песни, со кои денес се идентификува македонскиот народ, дома и секаде, каде што е расеан по светот.
Нема Македонец што не ги запеал „Македонско девојче“, „Ој, Вардаре македонски“, „Едно име имаме“, „Молитва“, „Љубов голема“, „Песна ви пеам, Македонци“, „Запеј песна, Македонко“… Речиси во сите се споменуваат Македонија и Македонците и токму затоа сите се своевидни химни на нашиот народ.

– Моите песни се подарок и порака за публиката – вели Виолета Томовска.
За време на 57-годишната музичка кариера, што ја почна на 16-годишна возраст, Виолета снимила над 1.000 песни, одржала голем број концерти дома и во многу земји во светот, снимила плочи со тиражи од 100.00 примероци за ПГП РТБ, пеела пред познати светски личности и секогаш била достоинствен амбасадор на својата држава. Со невиден ентузијазам, Томовска сѐ уште снима, настапува и се надева дека оваа или следната година ќе одржи уште еден голем концерт за паметење, заедно со своите соработници. Почетоците на нејзината долга и успешна кариера нѐ враќаат во 1959 година, кога Виолета доаѓа од родната Битола да учи средно училиште во Скопје.

Живее во центарот на градот, во станот на нејзиниот вујко Благоја Петров-Караѓуле, кој пеел во македонската опера, но ги сакал и македонските староградски песни.
– Всушност, целото мое пошироко семејство е талентирано за музика. Вујко ми Благоја имаше прекрасен глас, тој беше баритон во операта, но имаше голема љубов и за македонската народна, пред сѐ староградска. Тој ме зачлени во КУД „Орце Николов“, со чии членови и денес контактирам. И тетка ми Блага Видец, неговата сестра, беше оперска пејачка, мецосопран. Покрај тоа што почнав со изворната песна и членување во фолклорни друштва во родната Битола и во Скопје, јас многу слушав забавна музика. Си правев своја топ-листа на популарни мелодии, како сите млади. Сепак, моите први јавни настапи беа со оркестарот на Кочо Петровски, кој ме земаше на гостувања, како млад интерпретатор, а пеев и во дует со доајените Никола Бадев и со Александар Сариевски – се сеќава Виолета.

Во втора година средно училиште таа учествувала на натпреварот „Микрофонот е ваш“, во организација на Радио Скопје, што се одржал во Домот на тогашната ЈНА, каде што отишла по наговор на познатиот текстописец и радиоводител Ѓоко Георгиев.
– На натпреварот пеевме песни по свој избор, староградски, изворни, забавни, а членовите на комисијата, составена од врвни автори, оценуваа дали си талентиран или не. Јас сакав да пеам народна песна, но Ѓоко ми рече дека има многу учесници што се одлучиле за тој жанр и ме убеди да испеам забавна мелодија. Ми предложи тоа да биде песна од Димитар Масевски, а јас ја избрав „Го љубам до најмалите ѕвезди“ на Нина Спирова, која веќе беше успешна пејачка. Победив и добив бурен аплауз, а ме вратија и на бис. Тоа ми ги отвори вратите на Радио Скопје. Уште тогаш снимав од прва, без враќање. Врвни композитори беа дел од продукцијата за забавна музика и немаше место за грешка. Ме поканија да бидам дел од концертите со Танцовиот оркестар, а по еден месец Забавната редакција им даде нарачки на одредени композитори да напишат мелодии за мене. Прва ја снимив „Пелистерски очи“ на Александар Џамбазов, на текст на Ѓоко Георгиев. Тоа беше почеток на мојата кариера, која ете трае сѐ до денес, цели 57 години – открива Томовска.

Балансирајќи меѓу народната и забавната музика таа сѐ уште не можела да одлучи на кој жанр ќе му даде приоритет.
– Продолжив со забавната музика, во друштвото пеев и народно, исто и кога настапував со оркестарот на Кочо Петровски. Се снаоѓав и во едниот и во другиот жанр и си направив препознатлив стил. До земјотресот имав веќе добар репертоар. Но тој 26 јули 1963 година се сруши зградата каде што живеев, вујкото и вујната загинаа во катастрофата, а јас со моите се вратив во Битола. Есента беше договорена турнеја во Канада и САД со КУД „Орце Никлов“, што ја организираше вујко ми и ми рекоа дека јас морам да одам во негово име. Проблем беше кој ќе пее дует со мене и Кочо Петровски одлучи тоа да биде Кирил Манчевски. Тој беше веќе популарен, а јас почетник. Млад и искусен интерпретатор беше тешко да се усогласат, но Кирил ми кажуваше разни совети, ми откриваше тајни, бидејќи во дуетот песната мора да е слеана, да се согласуваат гласовите. Постигнавме голем успех. По земјотресот настапувавме и пред странци од целиот свет што работеа во Скопје, на Деновите на солидарноста, а имавме хуманитарни настапи низ Македонија. Во 1963 г. снимивме четири дуети со Манчевски и неколку изворни песни: „Ленче бре душо, Ленче бре срце“, „Што се срамиш, Калеш Киро“, „Ленка иди во Битола“. „Жална мајка“ му беше посветена на вујко ми Караѓуле, а текстот го напишаа неговите колеги од оркестарот. За Радио Скопје ги снимивме и „Лино моме“, „Кога си тргнав туѓина“ и други, оставајќи значајни траги во фонотеката на Радио Скопје – ни рече Томовска.

Во 1964 г. со „Танец“ Виолета и Кирил патуваат низ Југославија и на еден концерт во Белград дискографската куќа ПГП РТБ им предлага да бидат нивни ексклузивци.
– Имавме златни тиражи од 100.000 продадени плочи, а одржавме и концерт во Домот на синдикатите во Белград, со наш оркестар, но гостувавме и во цела некогашна Југославија. Интересно е дека и песната „Ој, Вардаре македонски“, на Јонче Христовски, првпат е снимена за ПГП РТБ. Претставник за Македонија во оваа дискографска куќа беше Александар Сариевски, кој беше многу почитуван како продуцент и им помогна на многу наши колеги – вели Виолета Томовска.
Во 1968 година таа заминува на првата турнеја низ Австралија, заедно со Сариевски, Бадев, Анка Гиева, Мате Грујовски и ансамблот „Китка“ на Кочо Петровски.
– Тогаш поп Гогов, односно владиката Михаил, ги основаше македонските општини во Австралија. На секој аеродром нѐ пречекуваа со црвен тепих, снимаа локалните телевизии, на аеродромот стоеја девојчиња во македонска носија, со сол и погача. На концертите, освен нашинци, доаѓаа и тамошни градоначалници, дипломати.

Почнувавме со австралиската химна, а потоа и со македонската. На крајот поп Гогов ѝ се обраќаше на публиката на македонски, па на англиски јазик, а Македонците доаѓаа да ни честитаат и на раце ги носеа музичарите. Тоа беше првата турнеја на овој континент, а втората беше со Јонче, Васка, колегата Белич… Но во 1975 година почина Кирил Манчевски, со кого заедно оставивме во аманет многу песни. Иако мислев дека нема веќе да пеам, продолжив со Кочо Петровски и со неговиот оркестар, но и тој ненадејно почина во 1988 година. Наредната 1989 г. бев со „Македонски мерак“ на 40-дневна турнеја по Канада, заедно со Војо Стојановски. Се договоривме да направат сите понекоја песна за мене и тогаш Милан Зафков ми ја напиша „Заиграј со мене“, а Миле Барбаровски ми ја подари „Молитва“. Кога ја слушнав, знаев дека е нешто посебно, ја ставивме на цеде и таа сѐ уште живее – вели таа.
Текстовите на некои песни ги напиша самата, како на пример „Ај засвирете млади момчиња“ и „Каде брзаш животе“. И во нив Виолета е искрена, емотивна и знае како да допре до публиката.

– Секој интерпретатор треба да внимава каква песна ќе избере, во чија интерпретација ќе биде сигурен и самоуверен. Најголема награда е кога ќе ги видиш насмеаните лица во публиката и кога ќе ги слушнеш аплаузите – ни откри Виолета, чија животна искра, исто како што се вика и нејзиното хуманитарно здружение, сѐ уште гори со несмален пламен.
Според многумина, нејзин заштитен знак е песната „Македонско девојче“, чиј автор е легендарниот Јонче Христовски.
– Јонче Христовски го знаев уште од малечка, кога доаѓаше кај нас во Битола. Тој остави хитови што не се бришат, како „Ако умрам или загинам“, „Едно име имаме“, „Свирете ми чалгии“… Имаше свој специфичен стил и никој не можеше да го имитира. На мене и на Кирил ни подари бисер-песни, а меѓу првите беше „Запеј песна, Македонко“, но ниеден наш концерт не можеше да се замисли без неговите „Ој, Вардаре македонски“ и „Едно име имаме“. Сепак, најпозната од сите е „Македонско девојче“, ја пеат и децата во градинка. Снимена е на повеќе светски јазици, а ја изведувале и познати светски хорови. Премиерно ја слушнавме на првиот роденден на ќерка ми Невена во 1967 година. Славевме кај нас дома, а гости ни беа Кочо Петровски, кумот Кирил Манчевски, Јонче Христовски… Пеевме и се смеевме по вечерата, а тогаш тој рече: „Оваа песна ѝ ја подарувам на Невенка, но и на сите македонски девојчиња“. Лани со спот и роденденска забава-изненадување за ќерка ми одбележивме 50 години од првата изведба на „Македонско девојче“ – се потсети Виолета.

Таа неуморно снима нови песни, а најновата е соработката со Томислав Которечевиќ.
– Лани на „Цветници“ ја пеев „Песно моја“, а понови се и „Простодушна“ од браќата Барбаровски и „Празник“ на музика Дамир Имери, а текстот е на Огнен Неделковски, која, како што вели насловот, може да се изведува за секој празник. Би сакала сите мои песни да ги ставам на носач на звук, а навистина не се малку. Исто така голема желба ми е да направам уште еден голем концерт, во Скопје или во родната Битола, но не знам дали тоа ќе биде изводливо бидејќи не добив поддршка од Министерството за култура. Би сакала уште еднаш на сцената да застанам со сите мои колеги, текстописци, композитори и да им се заблагодарам за сите прекрасни мигови и песни што ми ги подариле од срце, а јас ѝ ги подарив на мојата публика – ни ја откри својата голема желба Виолета Томовска.