„Сопранови“, според многумина најдобрата серија на сите времиња, го добија своето ретропродолжение. Станува збор за филмот наречен „Многуте светци на Њуарк“, кој ќе прикаже моменти од младоста на Тони Сопрано што го обележија неговиот понатамошен живот и решително влијаеја да стане мафијаш. Младиот Тони во филмот го игра Мајкл Гандолфини, син на покојниот Џејмс Гандолфини, актерот што го играше истиот лик во серијата.
Дејството на филмот се случува во 1960-тите и 1970-тите години во Њуарк. Тоа било многу бурна ера, во која постојано имало тензии меѓу италијанско-американската и афроамериканската заедница во овој град.
Моќното криминално семејство Димео ја држи оваа територија, но нејзиниот примат со текот на времето станува сè послаб, бидејќи нови амбициозни гангстери се обидуваат да ја заземат нивната работа. Еден од нив е младиот Тони Сопрано, кој под влијание на својот чичко Дик Молтисанти го учи законот на улицата и сè повеќе се вклучува во мафијашкиот живот.
Филмот „Многуте светци на Њуарк“ го режира Алан Тејлор, а сценариото го напишаа Лоренс Конер и Дејвид Чејс, главниот автор на серијата „Сопранови“. Неговата премиера во киносалите е закажана за први октомври, а истиот ден ќе биде достапна за гледање на стриминг-платформата Ејч-би-о макс.