Стивен Семпревиво се изјасни за виновен за плаќање поткуп

Американскиот универзитетот „Џорџтаун“ објави дека планира да избрка двајца студенти поврзани со скандалот со уписите во САД. Претходно, еден од двајцата студенти Адам Семпревиво (21), чиј татко се изјасни за виновен во случајот, го тужеше „Џорџтаун“ поради заканите за исклучување, со образложение дека универзитетот не му пружил фер третман, како и дека требал да ги увиди недоследностите во неговата пријава за упис, пишува „Њујорк тајмс“.

Адвокатот на Семпревиво соопшти дека универзитетот преку мејл го информирал оти пријавата за упис на неговиот клиент е повлечена, како и дека тој ќе биде избркан од „Џорџтаун“. Семпревиво тукушто ја завршил третата година од студиите.

– Ова е доживотна пресуда. Тој загуби три години од животот во кои учеше, добиваше добри оценки и правеше се што се очекуваше од него. Ова би можело да го следи до крајот на животот – истакна адвокатот.

Таткото на Семпревиво, Стивен, се изјаснил како виновен за плаќање 400.000 долари на советникот на универзитетот, за да го осигури уписот на неговиот син, како иден член на тенискиот тим на „Џорџтаун“, иако Адам не игра тенис професионално. 

Од обвинителството велат дека поранешниот тениски тренер на „Џорџтаун“, Гордон Ернст, земал поткуп од 2,7 милиони долари од советникот на универзитетот, кој е во средиштето на скандалот.

Ова е прв случај во кој студент тужи универзитет поради дисциплинските мерки со кои се соочува, поврзан со скандалот со незаконските уписи во САД, со што ја отсликува незавидната положба во која се наоѓаат универзитетите, обидувајќи се да одлучат дали треба да преземат санкции против студентите вмешани во скандалот.