Сингапур гради пловечки соларни фарми за борба против климатските промени.
Илјадници соларни панели се инсталираат на брегот на Сингапур, со намера оваа земја да даде свој придонес во борбата против глобалната климатска криза, пренесува АФП. Иако е една од најмалите земји во светот, бидејќи Сингапур е помал од половина Лондон, сепак станува збор за просперитетна заедница, а исто така е и земја што ги има едни од највисоките емисии на јаглерод диоксид по жител во Азија.
Една од новите соларни фарми се протега по должината на брегот на Сингапур до теснецот Јохор, кој ги одделува Сингапур и Малезија. За морското дно се „вкотвени“ 13.000 соларни панели со капацитет од пет мегавати електрична енергија, што е доволно за напојување на речиси 1.500 стана во текот на целата година. Панелите се произведени во Кина, која е најголемиот производител на соларни панели во светот, а се закотвени со помош на синџири и бетонски блокови. Уште поголем проект за соларна фарма треба да биде завршен оваа година и ќе се состои од 122 000 соларни панели во резерватот Тенга. Проектот го развива компанијата „Сембкорп“.
Сингапур нема доволно брзи реки за хидроцентрали, а и ветровите не се доволно силни за да работат турбини, така што сончевата енергија е единствениот избор.