Белите актери веќе нема да им позајмуваат гласови на ликови од други раси во легендарната анимирана серија „Симпсонови“, одлучи продукцијата. Новите правила ги изненадија корисниците на социјалните мрежи, а револтот беше највпечатлив на Твитер. Таму сметаат дека новата одлука едноставно е против она што е работа на глумците и оти ништо нема да се постигне со тој чекор во борбата против расизмот, објавија агенциите.

Критичарите, пак, сметаат дека е природно глумците да им го позајмуваат гласот на различни луѓе, без оглед на тоа кое е нивното етничко или културолошко потекло.
– Џејмс Ерл Џонс (црнец) одлично му го позајми гласот на Дарт Ведер (белец). Дали е тоа проблем? – прашуваат твитерџиите.
Корисниците на социјалните мрежи поентираа со тврдењето дека одлуката е од „корпоративна природа и сигнализира дека ништо нема да ги запре вистинската дискриминација и расизмот“.

Серијата е цел на критики, бидејќи глумецот Ханк Азариа му го позајмува гласот на Индиецот Апу. Глумецот неодамна изјави дека се откажува од улогата, која ја глуми уште од 1990 година.