Љубителите на фудбалот од Мексико и од Португалија веруваат дека нивните репрезентации ќе играат во финалето на Светското првенство во Русија, поради епизода од популарната анимирана серија „Симпсонови“, пренесува британски „Дејли мејл“.

Оптимизмот на навивачите се должи на епизода од 1997 година, во која жителите на Спрингфилд се повикуваат да го следат мечот „што ќе одлучи која нација е најдобра на планетата – Мексико или Португалија“.

Во прилог на предвидувањата оди и досегашниот тек на Мундијалот, со што Мексико нема да може да се сретне со Португалија до финалето, доколку биде првопласиран во групата Ф, по денешниот меч од последното коло против Шведска (16 часот).

Постои уште една наводна сличност со споменатата епизода, бидејќи во неа се забележува мексикански фудбалер во друштво на неколку девојки во бикини, за што постоеја информации во медиумите дека навистина се случило, на одредена забава на мексиканската репрезентација во пресрет на Светското првенство.

Симпсонови и во минато имаа успешни предвидувања, меѓу кои и она според кое Доналд Трамп ќе стане претседател на САД, во епизода емитувана пред 18 години.