Симон Трпчески и „Македонисимо“ на летовите на „Луфтханза“

Македонскиот пијанист од светски глас Симон Трпчески стана дел и од елитното друштво ѕвездени имиња што една од водечките светски авиокомпании „Луфтханза“ им ги препорачува на своите патници. Имено, сите патници во воздухопловите на овој гигант во иднина ќе можат да уживаат и во изборот што македонскиот пијано виртуоз го направи од свои, но и од изведби на светски уметници. Секако, Трпчески и во оваа пригода на патниците им нуди и фрагмент од својот проект „Македонисимо“, инспириран од нашиот фолклор.
Македонскиот пијанист Симон Трпчески, славен низ светот поради експресивниот начин на изведба и харизматичното сценско присуство, избра некои од своите омилени музички дела ексклузивно за „Луфтханза“, најавува компанијата, чии патници во избор на Трпчески веќе можат да уживаат во 16 внимателно одбрани дела (од кои осум се во негова изведба). Пет од нив се фрагменти од прославата на македонската музика низ проектот „Македонисимо“ што Трпчески го изведува со своите музички пријатели.

– „Луфтханза“ е еден од реперите во авиосообраќајот. Да се биде дел од нивните програми што ги слушаат илјадници патници е голема чест, а јас се определив за дела секако во рамките на правилата на Уметничкиот одбор на компанијата и можностите со авторските права. Се надевам дека на патниците ќе им се допадне мојот разновиден избор од пијанистичка и симфониска литература, но и со мал дел од „Македонисимо“, во функција на натамошна афирмација на македонската народна музика изведена на такво високо ниво. Ова е многу убаво и се надоврзува на номинацијата во потесен круг на наградите на Германската музичка критика токму со албумот „Македонисимо“ што излезе под етикетата на „Лин рекордс“ – вели Симон Трпчески.