Пејачката Симона Поповска деновиве е актуелна со видеоприказната за нејзината балада „Сама“ зад која стои авторскиот тим: Иле Спасев, музика и аранжман, и Даниела Хаџи-Тоневска, која го потпишува текстот.

– Оваа песна ми е исклучително драга, па иако е снимена одамна не сакав да остане без видеозапис. Се надевам дека и на мојата публика ќе ѝ се допадне видеото, од кое сум презадоволна. Навистина сум среќна што ми се случи она што одамна го посакував – вели Симона.

Видеото е работено со режисерот Андреј Ѓоргиевски, а во реализацијата на целиот проект учествуваше веќе проверениот тим соработници на Симона. Кадрите во спотот се снимени во Македонска Каменица, покрај езерото Калиманци, и во хотелот „Буши“.

– Откривме преубаво место, езерото Калиманци е опколено со прекрасна природа и целосно се вклопува во она што сакавме да го пренесеме. Темата на приказната е чувството на осаменост. Токму затоа кадрите почнуваат од највисоката локација, па како што тече песната така се спуштаме пониско и завршуваме со будење и враќање во реалноста. Пораката што сакавме да ја пренесеме е дека иако е тешко да се прифати секој тежок момент во животот, особено чувството на осаменост и страв, многу е важно реалноста да се прифати како неминовност и да се направи обид за излегување од состојбата. Сè е минливо, а соочувањето со реалноста е првиот чекор во изнаоѓањето решение и излез од секоја состојба – додава Симона.

Таа, освен честите живи настапи со својот бенд, наскоро најавува и нова песна.