Пазарот на тутунската индустрија сѐ повеќе ги привлекува младите со нудењето нови брендови на електронски цигари, што може да доведе до зависност, и покрај тврдењата на некои влади дека со овој тип цигари имаат цел да ја решат епидемијата на пушењето, објави Светската здравствена организација (СЗО).
Повеќе од осум милиони луѓе умираат годишно од употреба на тутун и изложеност на чад од тутун, што ја прави навиката главна причина за болести што може да се спречат.
Во извештајот, СЗО повикува на подобро регулирање на употребата на уреди без пушење што содржат никотин. СЗО е особено загрижена за употребата на електронски цигари кај оние на возраст под 20 години, поради штетните ефекти на никотинот врз развојот на мозокот на таа возраст и опасностите што може да ги имаат одредени состојки.
Во извештајот се наведува дека производителите на вакви производи, чиј асортиман продолжува да се шири, честопати се насочени кон деца и адолесценти, кои ги привлекуваат со илјадници различни вкусови, кои ги има дури 16.000. Најмалку два-три пати е поголема веројатноста за корисниците на електронска цигара да станат пушачи, па оттука се потребни истите регулативи како и за цигарите, смета Светската здравствена организација.