Од Светската здравствена организација (СЗО) предупредуваат дека трендот на мешањето на различни вакцини, како начин на поефикасна заштита од ковид-19, може да биде опасен.
– Ова е навистина опасен тренд. Се наоѓаме во зона без податоци и без докази – вели Сомија Сваминатан, научничка во СЗО.
Таа додава дека во моментов се спроведуваат истражувања на оваа тема.
Во повеќе држави во светот веќе размислуваат за мешање на различни типови вакцини поради дефицит, но и поради загриженост дека некои се неефикасни во борбата против коронавирусот. На пример, Тајланд најави дека вакцината „Астра Зенека“ ќе се користи како втора доза за оние што примиле „Синовак“ како прва доза, извести „Бангкок пост“. Индонезија најави дека ќе им даде трета дополнителна доза на „Модерна“ на медицинските работници што веќе примиле две дози од вакцината „Синовак“, јави „Џакарта пост“.
СЗО исто така изрази загриженост дека побогатите земји ќе почнат да даваат дополнителни дози, а сиромашните земји ќе бидат препуштени сами на себе.
Глобалниот јаз во снабдувањето со вакцини против ковид-19 е исклучително длабок и неправеден. Некои држави и региони, всушност, порачуваат милиони обновливи дози, пред други земји да се снабдат со неопходните резерви за вакцинирање на своето население.
Сомија Сваминатан дополни дека нема докази што би укажувале на тоа дека во моментот се потребни дополнителни дози, објаснувајќи дека иако стапката на зараза во некои земји расте, меѓу вакцинираните лица не е забележан пораст на бројот на хоспитализирани и смртни случаи.