Според Светската здравствена организација (СЗО), долгото работно време убива стотици илјади луѓе годишно! Првата глобална студија од ваков вид покажа дека 745.000 луѓе починале во 2016 година од мозочен удар и срцеви заболувања поради долгото работно време.
Извештајот открива дека луѓето што живеат во Југоисточна Азија и Западен Пацифик се најмногу погодени. СЗО исто така вели дека овој тренд може да се влоши со пандемијата на ковид-19. Истражувањето покажало дека работното време од 55 часа или повеќе неделно е поврзано со 35 отсто поголем ризик од мозочен удар и 17 отсто поголем ризик од смрт од срцеви заболувања во споредба со работната недела од 35 до 40 часа. Студија спроведена со Меѓународната организација на трудот, исто така, откри дека речиси три четвртини од оние што починале од долго работно време биле средовечни или постари мажи. Смртта често се случувала многу подоцна во животот, понекогаш децении подоцна по долга работа. Иако студијата не го опфаќа периодот на пандемијата, официјалните лица на СЗО рекоа дека почнувањето на работата од дома и економското забавување може да ги зголемат ризиците поврзани со долгото работно време.
– Имаме некои докази што покажуваат дека кога земјите влегуваат во национална блокада, бројот на работни часови се зголемува за околу 10 проценти – вели техничкиот службеник на СЗО, Френк Пега.