Илустрација: Атлантик

Одговорот на главниот човек на „Спејс екс“ и „Тесла“ во врска пандемијата на коронавирусот ги отуѓува неговите обожаватели

Авторка: Марина Корен

Атлантик

Илон Маск е познат по тоа што има цела свита на верни обожаватели. Тие ги купуваат автомобилите на „Тесла“, ги следат лансирањата на „Спејс екс“ и го величаат на Твитер. За нив, Маск е визионер, идол, па дури и климатски суперхерој. Дел од таа репутација потекнува од трансформацијата на Маск од повлечен технолошки милионер во елегантен милијардер во производството. Според митологијата на Маск, тој дури е инспирација за вистинскиот суперхерој, односно улогата на Роберт Дауни Џуниор како шармантниот и брилијантен Тони Старк во филмот „Ајронмен“ од 2008 година. Оттогаш во наредните 15 години, Маск го зголеми својот углед кој стана повеќе во стилот на Старк, па дури и со мала доза на пророк. Во меѓувреме, неговите обожаватели стануваа сè поозлогласени.

Само до пред неколку месеци беше речиси незамисливо да почне да се губи угледот на спасител на Маск во очите на неговите обожаватели. Но тоа беше пред пандемијата на коронавирусот. Во изминатите неколку месеци, Маск ги минимизираше опасностите од вирусот, даваше неосновани предвидувања за тоа колку вкупно заразени ќе има во САД и лажно тврдеше дека децата се „имуни“ на ковид-19. Постојано апелираше да се повлечат рестриктивните мерки чија цел е да се забави ширењето на вирусот, потег што здравствените претставници го сметаат за многу опасен. Маск им пркосеше на препораките за останување дома и повторно ја отвори фабриката на „Тесла“ во Калифорнија и илјадници се вратија на работа. Минатата недела на Твитер порача дека „тој ќе биде во првата линија заедно со сите други и ако е потребно, властите него да го уапсат“. („Тесла“ и „Спејс екс“ не сакаа да дадат официјален коментар).

Главната комуникациска алатка на Маск со јавноста и неговите обожаватели е Твитер. Покрај другите контроверзии за него, односно објавата на Твитер која доведе до обвиненија за измама и го чинеше главната позиција во „Тесла“ или кога доби тужба затоа што нарече еден спасувач „педо-тип“, сепак, има една толпа што го поддржува во твитовите и не сака да прифати никакви критики кон својот херој.

Но сега за првпат, се чини дека Маск се отуѓи дури и од најверните поддржувачи. Обожавателите гласно го споделуваат своето незадоволство, па дури и несогласувањето директно со него на Твитер, затоа што знаат дека ќе прочита. Минатиот месец, на неговиот твит „Веднаш ослободете ја Америка“ со цел да се вратат работниците на работа, еден негов обожавател врати дека „првпат не се согласува со својот идол“.

Зајадливоста на Маск, која порано му донесе поени кај јавноста, сега се претвори во нешто поалармантно во текот на оваа светска криза. Преживувањето на една пандемија е тешка филозофија само во фигуративна смисла, а некои обожаватели посакуваат тој да ги остави експертите да се справат со неа. Сега почнуваат да се покажуваат мааните во култот кон Илон.

Успеав да стапам во контакт со некои од неговите обожаватели од кои повеќето беа мажи на возраст од 20 до 70 години. Меѓу нив спаѓаат сопственици на автомобили „тесла“ и такви кои ги посакуваат, други го сметаат за свој идол, а трети сметаат дека е одличен производител. Сите тие прво ја пофалија брилијантноста, визијата и способноста да направи нешта кои другите сметаа дека се невозможни и додадоа дека никој не е совршен, но сепак не му ги разбираат постапките.

Обожавателите сметаат дека првичните негови критики за пандемијата биле умерени и малку непромислени. На почетокот на март, Маск порача дека „тешка глупост е паниката околу коронавирусот“, а обожавателите сметаа дека тој ги исмејува резервите на тоалетна хартија, средствата за чистење, но не и опасната болест. Но како што ескалираше неговата реторика, дел од нив се обидоа да го вразумат дека истражувањата покажуваат оти мерките за физичка дистанца се најдобрата одбрана од вирусот.

Токму тука се разгоре темата. Околу две недели подоцна, Маск на Твитер порача дека „врз основа на тековните трендови“, САД треба „речиси да немаат случаи“ на ковид-19 до крајот на април. Ова предвидување се покажа како неточно, а Маск не ја призна грешката. Ова налути дел од неговите обожаватели кои му веруваа.

– Ако тој вели да не се грижиме и дека до крајот на април повеќе нема да имаме случаи, тогаш луѓето ќе му поверуваат затоа што тој е Илон Маск, сигурно ги познава најдобрите доктори, експерти и им верува на истражувањата пред да даде изјава – смета Луис Мирелес, студент од Тексас, кој го споменувал Маск во своите студентски трудови.

Други обожаватели не можат да се помират со оваа верзија на Маск. Трети сметаат дека не се однесува повеќе како спасител на човештвото, туку како безмилосен индустријалец. Ваквата брутална вистина стана кристално јасна кога Доналд Трамп на Твитер ја поддржа желбата на Маск за фабриките на „Тесла“ повторно да почнат со работа, а токму Маск му се заблагодари. Ако тој треба да биде климатскиот херој, како одеднаш се збратими со негативецот кој не верува дека климатските промени се предизвикани од човекот и укина десетици одлуки поврзани со заштита на животната средина. Пред само три години, Маск се повлече од претседателскиот совет токму затоа што Трамп ги повлече САД од меѓународните договори за борба против климатските промени.

– Навистина сметав дека Маск може да биде херој. Да бидеме реални, ние ја уништуваме планетата додека постои некој кој се обидува да најде нова за живот – смета Лиза Џејкобсон, вработена во осигурителна компанија во Висконсин.

На Џејкобсон ѝ недостига љубезниот директор кој бесплатно зголеми капацитетот на моторите на „тесла“ за возачите од Флорида да можат безбедно да се евакуираат за време на ураганот „Ирма“ во 2017 година. Таа очекуваше дека Маск ќе се покаже во такво светло за време на пандемијата, но тоа не се случи.

Маск беше во фабриката на „Тесла“ во Фремонт, Калифорнија минатата недела токму како што вети. Никој не дојде да го уапси. Локалните власти на крајот попуштија и му порачаа дека фабриката може да биде отворена сè додека се воведени дополнителни мерки за безбедност.

Многу обожаватели го поддржаа Маск во овој потег. Другите се обидуваат да ја одделат неговата лична филозофија од неговиот придонес во светот, да ја одделат уметноста од уметникот, што е многу тешка задача кога најголем дел од сјајот на „Спејс екс“ и „Тесла“ се должи на него. Некои негови обожаватели дури ги откажале нивните нарачки од „Тесла“.

Превод: Билјана Здравковска