Двете автомобилски групации добија согласност да се спојат во компанија вредна 50 милијарди евра, наречена „Стелантис“. Антимонополското регулаторно тело на Европската Унија даде зелено светло за спојување на „Фиат Крајслер автомобили“ со „Пежо-Ситроен автомобили“ во заедничка компанија.
Новата компанија официјално ќе започне со работа до крајот на првиот квартал од идната година. На официјалниот почеток на „Стелантис“ ќе му претходи состанок на акционерите и управата на двете компании, закажан за 4 јануари 2021 година.
Само се чекаше надлежната комисија на Европската Унија да утврди дека „Стелантис“ нема да биде монопол на европските пазари. Тоа не одеше лесно, бидејќи европските регулатори се сомневале дека заедничкото вложување, наводно, ќе има голем удел на пазарот на камионети. „Фиат“ и „Пежо“ очигледно успеаја да ги разубедат и да ги разјаснат сомнежите на регулаторите, пишува „Ројтерс“.

Заедничката компанија, со предвидено производство од околу 8,7 милиони возила годишно, ќе стане четвртиот најголем производител на автомобили во светот – зад „Фолксваген“, „Тојота“ и групацијата „Рено-Нисан-Митсубиши“, а пред „Џенерал моторс“, „Форд“ и други глобални автомобилски мегакомпании.
Компанијата „Стелантис“ ќе ги вклучува брендовите „Абарт“, „Алфа Ромео“, „Фиат“, „Фиат профешнл“, „Крајслер“, „Џип“, „Ланчија“, „Рем“, „Масерати“, „Пежо“, „Ситроен “, „Опел“и други.
„Фиат“ и „Пежо“ ги здружија силите да ги неутрализираат негативните ефекти од забавувањето на побарувачката и полесно да ги поднесат трошоците за производство на еколошки почисти возила за да ги исполнат барањата на построгите регулативи за емисиите на гасови. Спојувањето ќе придонесе за проширување на пазарот, затоа што „Фиат Крајслер“, поради „Крајслер“, добро котира на американскиот пазар, во кој „Пежо“ никогаш не успеа да се пробие во однос на важноста и големината на таа компанија.