На игра со наслов „Скопје“ работи македонското студио за развој на игри „Дарк-1“ (Dark-1) . Целта е да се долови безвременскиот дух на Скопје во едно постапокалиптично сценарио, кое метафорично може да се поврзе со постпандемискиот период, како и да ја разбуди љубопитноста на светските гејмери за Скопје.

Играта е креирана така што играчот го гледа она што го гледа и ликот со којшто се игра (first person shooter) во стрип-стил со роглајк-елементи и делумно отворен свет за истражување. Роглајк терминот жанровски покрива игри чиишто нивоа се процедурално генерирани, истите наликуваат на зандана, редоследот на активностите се одигруваат во кругови (како во друштвена игра) и во случај на умирање на ликот со којшто се игра, играта започнува одново. Целта на играчот е да го истражува уништениот град, да ги открие причините за неговото уривање, да ја надмине хордата на обезличени и мутирани суштества што доминираат со Скопје, да обезбеди ресурси за да опстои и, најважно, да преживее.

Играта е сè уште во изработка, но затоа во меѓувреме од студиото нудат можност љубопитните играчи да се внесат во светот на постапокалиптичното Скопје онлајн (https://skopje.dark-1.com/terminal/).

Тимот на „Дарк-1“ досега имаат издадено една игра на светскиот пазар со наслов „Одиум ту д кор“ (Odium to the Core). Станува збор за игра што се игра со само едно копче и притоа се контролира одиум низ монохроматски лавиринт со извонредно динамична музика.