Новиот сингл на Александра Јанева, со наслов „Се одбирам себе“, е емотивна љубовна приказна и второ по ред авторско дело на тандемот Јанева – Стојановски. Аранжманот и продукцијата се на Иле Спасев. Дел од екипата што работеше на проектот е и Јана Бурче, во улога на текстописка на баладата.

– Не верував дека „Се одбирам себе“ ќе стане втората кантавторска песна што ќе се најде на мојот деби-албум, сè додека не го добив одличниот текст од Јана. На крајот, целосната приказна зад песната одлично ја екранизираа моите соработници од продукцијата „Пинестел“, со кои одлично се познаваме – вели пејачката.

Видеото за песната е снимено на повеќе локации во Отешево и Преспа, а освен Александра, се појавува и Андреј Пајмакоски од студиото „Моделс ин“. За нивниот изглед се погрижи познатата стилистка Милена Танаскоска.

Изминатиот период Александра Јанева објавуваше песни на секои три-четири недели. „Се одбирам себе“ е третиот сингл во низа по неодамна објавените „Срце отвори“ и „Одговор“, а сите ќе се најдат на нејзиниот нов албум.