Австралиската софтверска компанија „Атласијан“ гради ново седиште во Сиднеј. Станува збор за кула од 39 ката, со вкупна висина од 180 метри. Тоа ќе биде највисокиот хибриден облакодер во светот, изграден со комбинација од челик, стакло и дрво. Од овие 39 ката, четири ката ќе содржат зелени оази и паркови, а во објектот ќе бидат вградени и паркинг-места. На врвот на кулата ќе има спа-центри, простор за релаксација и дружење на вработените и тераси со дрвја.
Главниот фокус при изградбата на зградата е енергетската ефикасност. Целта е да се намали загадувањето при изградбата за 50 отсто во споредба со традиционалните градби. Според пишувањето на „Фајненшл ревју“, кулата треба да биде завршена во 2025 година и ќе чини 546 милиони долари, а откако ќе биде завршена, ќе може да прими 4.000 вработени. Инаку, оваа зграда треба да му помогне на „Атласијан“ да ја постигне целта до 2050 година, да стане јаглеродно неутрална компанија.