Со децении, филмовите и сериите со роботи како што се „Терминатор“, „Блејд ранер“ и „Вестворлд“ ги предупредуваат гледачите дека потпирањето на вештачката интелигенција е вистинска закана за цивилизацијата. Сега, истражувачите од меѓународната организација „Хјуман рајтс воч“ предупредуваат за потенцијалните „роботи-убијци“ кои би можеле да го предизвикаат крајот на светот, пренесува „Њујорк пост“. 

Пораката е дел од нивната кампања во која се бара глобална забрана за употреба на „целосно автономно оружје“.

– Отстранувањето на човековата контрола од употреба на сила сега се смета за сериозна закана за човештвото што, исто како и климатските промени, заслужува итна мултилатерална акција – рече во соопштение за медиумите Мери Верaм, директорка на одделот за оружје во „Хјуман рајтс воч“, чија кампања се залага за постигање меѓународен договор за забрана на оружје управувано од вештачка интелигенција.

Базиран на анализите за одбранбена политика на 97 земји, во кои се наведени и ставовите за смртоносната роботика, извештајот открива дека мнозинството пратеници сметаат дека човечката интервенција е фундаментална за етиката на оружените системи.

Авторите објаснуваат дека автономното оружје „ќе решава кој живее и кој умира“, без притоа да се користи со својствените човечки карактеристики, како што е сочувството, кои се неопходни за да се донесат сложени етички избори за време на војна. 

„Хјуман рајтс воч“ потенцира дека со употребата на смртоносна вештачка интелигенција исто така ќе стане нејасно кој ќе биде одговорен за незаконските воени дејствија, компјутерските програмери или воените команданти?

Според извештајот, најмалку 30 земји, меѓу кои Австрија, Бразил и Чиле работат на донесување глобална забрана за употреба на овие оружја. 

Сепак, дел од светските сили, имено Русија и САД, ги отежнуваат разговорите, додека интензивно инвестираат во развојот на разни автономни оружени системи, се наведува во извештајот.