Во својата кариера сер Пол Мекартни има напишано голем број филмови, збирки поезија, книги за деца и над 100 хит-песни.

Сега, на возраст од 77 години, тој стои пред нов предизвик. Неговиот прв театарски мјузикл.

Рокенрол-легендата работи на адаптацијата на филмот „Животот е прекрасен“ од Френк Капра.

Сер Пол, кој имал само четири години кога филмот првпат бил емитуван во 1946, вели дека тој раскажува една универзална приказна, која сите нè поврзува.

Според продуцентот Бил Кенрајт, премиерата на мјузиклот се очекува на крајот на 2020.

Ли Хол, кој работи со сер Пол на стиховите, вели дека ова е неговиот омилен филм.

-„Животот е прекрасен“ ми е омилен филм. Има сè што треба – комедија, патетика, хуманост, нешто што допира до сите генерации. Огромна привилегија е да се постави како театарска претстава, но да се работи со сер Пол Мекартни – тоа е нешто што не се опишува, вели Хол.

-Емоцијата, искреноста и мелодичната брилијантност на Пол ѝ даваат поинаква длабочина на оваа класична приказна. Се чувствувам како некој ангел да ме чува, вели Хол.