Креаторите на оригиналната серија „Нерешени мистерии“ и продуцентите на телевизискиот хит „Чудни нешта“ ве покануваат да ги следите и да ги решите новите мистериозни случаи. „Нетфликс“ оживеа една од најгледаните и најинтересни продукции во историјата на телевизијата.
„Нерешени мистерии“ е телевизиска серија, чие емитување започна во далечната 1987 година на американската телевизија Ен-би-си, а нејзината популарност не се намали дури и по три децении. Последната епизода се емитуваше во 2010 година, а серијата доби култна репутација поради изборот на најразлични нерешени криминални случаи, вклучувајќи и паранормални феномени.

Нејасните ситуации и злосторства беа опишани од разни сведоци, кои честопати третирале појава на духови, НЛО и други необјаснети феномени. Водител на шоуто беше неприкосновениот владетел на малите екрани, Роберт Стак, кој со својот сугестивен глас и пристап успеваше да го одржува вниманието на публиката.
Програмата, во форма на телевизиски документарци, која привлече огромен број гледачи, реконструираше разни бизарни случаи, засновани врз сведочењата на оние што на некој начин учествувале во нив. Тоа што ја направи оваа телевизиска продукција во тоа време поразлична од другите, беше обидот на авторот вистинските луѓе да се играат себеси, со помош на професионални актери што се појавуваа во одредени ситуации.

Во повеќето од епизодите се обработуваа случаи од криминалната практика, а најгледани биле оние во кои лицата опишуваа необјасниви појави. На долгиот список на случаи на мистериозни исчезнувања и убиства не изостанаа ни оние поврзани со надреални ситуации, како што е посетата на демони што опседнувале луѓе, потоа појавата на духови и киднапирања од вонземјани.
Таквите епизоди кокетираа и со теориите на заговор, а врвот на гледаноста се постигна во оние во кои сценаристите детално објаснуваат дека Курт Кобејн не извршил самоубиство и дека атентатот врз Мартин Лутер Кинг Jуниор бил планирана акција од страна на властите. Извршниот продуцент Тери Дан Морер, кој исто така е еден од креаторите на серијата, еднаш изјави дека 260 мистерии се решиле благодарение на помошта на сведоците, науката и на тогашната растечка популаризација на ДНК-анализата.

Моментално и епизодите од римејкот на серијалот „Нерешени мистерии“, кои се достапни на „Нетфликс“, се рангираат високо на списокот на најгледани содржини на американскиот стриминг-сервис. Секоја од нив се занимава со посебна мистериозна ситуација и бидејќи никој не може да го надмине настапот на популарниот домаќин на оригиналот Роберт Стак, „Нетфликс“ одлучи во новите епизоди да не се појавува наратор пред камера и секоја епизода да има посебна личност што раскажува мистериозни настани.

Серијата се состои од 12 епизоди, а нивните приказни ги следат животите на „обичните“ луѓе, кои за момент биле прекинати од некоја траума, без разлика дали станува збор за ненадејно исчезнување на некој близок, сурова смрт или за паранормални искуства. Со помош на детективи и новинари, членови на семејството на исчезнатите и други индиции, „Нетфликс“ на секој гледач му нуди да се обиде самостојно да го сфати решението за мистеријата.
На пример, во епизодата „Куќа на теророт“ се реконструира случај од Франција, каде што една жена со четири деца е закопана под тремот на нивната куќа во Нант. Локалниот патријарх не бил меѓу труповите, но не можеле никаде да го најдат. Детективите во истрагата постепено ги составуваат коцките со намера конечно да дојдат до застрашувачко сознание за убиство со умисла, кое го извршил некој од семејството на жртвите.
За сите оние што имаат доволно години за да се сеќаваат на популарниот телевизиски блокбастер, но и за помладите што сакаат да гледаат серии за неизвесни и мистериозни случаи од кои ќе ви се наежи кожата, серијата е идеална летна забава.