По пронаоѓањето на уште три тела, британската полиција соопшти дека 10 луѓе страдале за само две недели кај гребенот Бичи Хед во Кент, пишува „Дејли мејл“.

Минатата недела беа пронајдени седум тела, а меѓу нив и оние на мајка и син, додека вчера беа пронајдени телата на уште тројца мажи.

– Утрото во 9:50 часот по локално време полицијата доби пријава дека некој паднал од Бичи Хед во близина на Истбурн. Крајбрежната стража била контактирана и тие во подножјето на гребенот пронашле тело на маж за кој се верува дека имал околу 40 години. Потоа во истата област се најдени уште две тела: околу 00:10 часот од морето кај Холивел е извлечен маж, а нешто подоцна, околу два часот наутро, бил пронајден уште еден маж кај Бичи Хед – рече полицискиот портпарол.

Овие смртни случаи не се третираат како сомнителни и полицијата не смета дека трагедиите се поврзани на било кој начин.

Покрај тоа, минатата недела во подножјето на гребенот биле пронајдени телата на двајца мажи на 20 годишна возраст. Се верува дека еден од нив бил турист што допатувал во Велика Британија за да се самоубие.

Луѓето кои шетале со кучиња, пронашле пасош и авионска карта во еден правец од Норвешка, додека полицијата сė уште трагала по мажите, значи пред нивните тела да бидат пронајдени на дното на гребенот. Минувачите тогаш ја пронашле и торбата во која имало патна исправа и мобилен телефон.

– Помисливме дека некои туристи ги загубиле работите, но потоа го проверивме телефонот да видиме дали е отклучен со надеж да провериме дали некој се обидел да го контактира. Прво што видовме беше неговиот фејсбук профил на кој имаше фотографија од Бичи Хед со натпис: „Ова место ги означува нашите гробови, но вие можете тука да се одморите“ – рече еден од луѓето што ги пронашле оставените предмети.

Полицијата рече дека немало официјална идентификација, а таа ситуација се случила непосредно откако биле пронајдени остатоците на Шерил Томпсет(42) и нејзиниот петгодишен син Лео, за кои се верува дека во прашање е убиство и самоубиство. Телото на детето било најдено на карпа на половина пат низ гребенот, додека телото на мајката било на самата плажа.

Уште три тела пронашле медицинските служби ноќта на 14 јуни, двајца мажи и една жена.

Повеќе од 350.000 луѓе годишно ги посетуваат гребените во Бирлинг Гап и Седумте сестри, пишува „Дејли мејл“.