Германско-данската хит серија „Слоборн“ за која на големо се зборува, се емитува во време кога светот се бори со коронавирусот, но се чини како сценаристите да знаеле дека нè чека пандемија.
Кога во северна Кина ќе биде откриена болест од типот на птичјиот грип, која потекнува од гулабите, луѓето што живеат на идиличен остров во Северното Море воопшто не размислуваат за тоа. Но еден ден морето на островот исфрла едрилица на која се наоѓале мумифицираните тела на една британска двојка. Подоцна се покажува дека тие биле инфицирани од вирус, пишува „Гардијан“.
Звучи како заплет инспириран од ковид-19, но, всушност, серијата „Слоборн“, беше снимена минатата година додека Европа и остатокот од светот сè уште не беа погодени од пандемијата, а во Германија почна да се емитува минатата недела. Серијата, чиј наслов во превод значи „бавно горење“, што исто така е и името на островот, зборува за тоа како животот на истоимениот изми3слен остров тоне во хаос и уништување кога ќе се појави застрашувачкиот вирус.

На оние што живеат на островот им се советува да носат маски за лице и да практикуваат физичко дистанцирање. Воведени се правила за карантин, а во изобилство се појавуваат и теории на заговор за причините за избивање на епидемијата.
Креаторите на серијата ја опишаа како постапокалиптичен катастрофален трилер преточен во модерен еп, кој истражува што се случува со модерните луѓе кога ќе се сруши тенкиот лак на нашата цивилизација. Нејзиното емитување беше скоро откажано, откако шефовите на телевизиската куќа „ЗДФ“ изразија загриженост дека гледачите можеби ќе сметаат дека е премногу слична со реалноста во која се наоѓаме сега.
– Прашањето беше дали токму сега можеме да бараме од нашата публика да ја гледа серијата – рече сценаристот и режисер Кристијан Алварт во изјава за новинарите пред емитувањето.

Алварт, кој се консултирал со вирусолозите и персоналот на службите за итни случаи, за да открие како Германија се подготвува доколку избие смртоносна пандемија, рече дека бил инспириран од мислата дека катастрофите претежно се случуваат на друго место и се прашувал како би било доколку такво нешто се случи поблиску до дома.
– Бев зачуден што постојано во медиумите слушаме за катастрофи низ светот, но обично нашите животи и понатаму се одвиваа нормално – рече тој.
Кога Германија беше во карантин, серијата веќе била во постпродукција.
– Се наежив од самата помисла на она што го снимавме минатата година – додаде Алварт.
Германските телевизиски критичари нежно ја исмеваа серијата, која беше снимена кон крајот на 2019 година на германскиот источнофризиски остров Нордернај и полското крајбрежно одморалиште Сопот.
„Не многу суптилно“, беше коментарот на „Шпигел“, кој се однесуваше на прикажувањето на еден од симптомите на болеста: крвавење од очите. Весникот „Зидојче цајтунг“ напиша дека серијата би можела да се доживее како хорор-филм и филм за катастрофа, ако не беа постојаните потсетници на реалните вести во последните месеци. „Цајт“, пак, ја опиша како претпазлива серија за коронавирусот, фиктивна заднина на нашата реалност во последните неколку месеци.