Второто продолжение на телевизиската серија „Сенки над Балканот“ на режисерот Драган Бјелогрлиќ, во која настапуваат и познати македонски актери, во својата втора сезона, што ќе почне да се прикажува во март, открива три историски тајни.

Тајна 1: Убиството на кралот Александар

Како што досега тврдеа историчарите, убиството на кралот Александар Караѓорѓевиќ го извеле претставниците на револуционерната организација ВМРО и усташите. Но, работејќи на сценариото на продолжението на серијата „Сенки над Балканот“, авторите дошле до сознание дека овој настан е сплет од исклучително сложени политички случувања што владееле во светот во тој период.
– Усташите и ВМРО биле само извршители на политичката игра на највисоко ниво во која биле вмешани Италијанците и Германците, еден дел од француската тајна служба и Коминтерната. Целта на овој меѓународен заговор не бил само кралот, туку и францускиот министер за надворешни работи Барту, кој работел на доближувањето на Кралството Југославија до СССР. Одлуката на кралот Александар да не го признае Советскиот Сојуз, дефинитивно ја запечатила судбината на југословенскиот суверен – изјави за српски „Блиц“ режисерот Драган Бјелогрлиќ.

Тајна 2: Жрнов

Малку е познато дека на врвот на планината Авала, кај Белград, постоела добро зачуваната средновековна тврдина Жрнов, која врз остатоците од антички град ја подигнал деспотот Стефан Лазаревиќ. Одлуката на кралот Александар да ја урне и на нејзино место скулпторот Иван Мештровиќ да го изгради Споменикот на незнајниот јунак, предизвикала големо незадоволство меѓу српскиот народ и е протолкувано како негово „раскинување со српското наследство во замена за југословенството“. Се верувало дека со тој акт кралот ја осквернавил светоста и оти за тоа ќе биде казнет.

Тајна 3: Солунски процес

Еден од најконтроверзните политички процеси на Првата светска војна. Пред пробивањето на Солунскиот фронт се случил судски процес во Солун, на кој требало да им се суди на воените профитери. Но дошло до голем пресврт, кога припадниците на организацијата „Црна рака“ на чело со Апис, по австрискиот ултиматум, биле осудени за обид на заговор против кралот.
Овие историски факти во серијата „Сенки над Балканот“ се уфрлени во фиктивниот свет на фантазијата и во комбинација со измислените ликови и настани се скелетот на кој се базира втората сезона на серијата, која предизвика голем интерес кај гледачите во целиот регион.