Славната американска глумица Розен Бар (65) поради срамниот расистички твит остана без работа, а серијата со која се прослави и која го носи нејзиното име е укината. Розен доби отказ и во сопствената агенција за барање таленти, а медиумскиот гигант „Виаком“ исто така ѝ ја откажа соработката.
Бар, фанатична републиканка и голема симпатизерка на актуелниот американски претседател Доналд Трамп, напиша дека советничката на Обама, Валери Џарет, е производ на муслиманското братство и на планетата на мајмуните.
На нејзиниот расистички испад веднаш реагираше ТВ-мрежата Еј-би-си со единствениот можен потег – откажување на серијата, пренесуваат американските медиуми.

Комичарката, сфаќајќи каква глупост направила, се извинила и ветила дека веќе нема да биде активна на Твитер. Но ветувањето траело само два часа. Потоа, повторно се закачила на популарната социјална мрежа оставајќи низа пораки во кои се правда и се извинува.
– Денес моите зборови предизвикаа бран откази на многу вредни луѓе. Ѝ се извинувам на публиката што со децении ја забавував. Навистина ми е жал и ве молам за прошка – напишала Розен Бар.
Овој случај на Твитер го прокоментира и претседателот Доналд Трамп, кој напиша: „Лоша шега, Розен претерала“.