На 6 мај во 2004 беше емитувана последната епизода од една од најпопуларните американски телевизиски серии во светот „Пријатели“. Серијата за шесте пријатели, Моника, Рејчел, Фиби, Рос, Чендлер и Џои, е снимана цели десет години, од 1994 до 2004 година, а е репризирана повеќепати низ светот. Во прилог неколку занимливости што можеби не сте ги знаеле за прочуените „Пријатели“.

Серијата требало да се вика „Инсомнија кафе“
На почетокот на 1990-тите години, креаторите на серијата Дејвид Крејн и Марта Кофман напишале неколку страници за серија со име „Инсомнија кафе“. Освен називот, работната верзија била далеку од тоа што го имаме видено. На пример, врската на Рос и Рејчел не била во фокусот, а во врска всушност требало да бидат Џои и Моника. Со текот на времето како опции биле „Пријатели како нас“, „Преку ходникот“, „Нив шест“, а на крајот пред премиерата, на 22 септември 1994 година, конечно е одлучено насловот да биде „Пријатели“.

Поделбата на улогите е планирана поинаку
За шесте главни лика во опција биле повеќе различни глумци. Исто така, Кортни Кокс, која ја глуми Моника, најпрвин требало да биде Рејчел, но таа ја одбила улогата барајќи да ја глуми Моника, бидејќи сакала посилни карактери. Единствено за ликот на Рос уште од почетокот е запишан Дејвид Швимер. Ерик Мекоркман, Вил од серијата „Вил и Грејс“, неколкупати сакал да се пријави на аудиција за ликот на Рос, но продуцентот Кевин Брајт, кој претходно работел со Швимер, го пишувал карактерот на Рос врз основа на гласот на Швимер.

Серијата е снимена во живо пред публика
Епизодите се снимени и по пет часа, и тоа пред публика од околу 300 обожаватели. Само во ретки случаи, кога се снимени клучните сцени, публиката била исклучена, за гледачите да се држат во неизвесност.

Заработката на глумците – од 22 илјади до милион долари
Во текот на првата сезона, секој од шесте актери заработувал по 22 илјади долари по епизода, но веќе во текот на втората сезона хонорарите почнале да се разликуваат. Сѐ до 1997 година, кога сите шестмина одбиле да снимаат додека не добијат еднаква заработка, од сто илјади долари по епизода. На крајот преговорите биле успешни, а до последната сезона, секој од нив заработувал дури и по милион долари по епизода.

Кудро е вистински бремена
Лиса Кудро, која ја глумеше Фиби, навистина била бремена кога требало да биде бремена и во серијата, но како сурогат-мајка на нејзиниот брат и неговата сопруга. Кога креаторите на серијата дознале дека е бремена во 1997 година, напишале сценарио за да биде бремена и во серијата. Од друга страна, тоа не се случило кога Кортни Кокс била навистина бремена, затоа што во серијата веќе било утврдено дека Моника и Чендлер не можат да имаат деца.