Креаторот на популарната британска серија „Пики Блајндерс“, Стивен Најт, уште во 2017 година зборуваше за можноста оваа телевизиска драма да се пресели на големото платно. Сега, речиси четири години подоцна, тој потврди дека оваа криминална сага навистина ќе заврши со филм, на кој ќе се работи по завршувањето на снимањето на шестата и последна сезона од серијата.
– Пандемијата на коронавирусот ги наруши нашите планови, па нема да има седма сезона, шестата ќе биде последна. Приказната ќе заврши со филм, кој беше моја идеја од самиот почеток – изјави Најт за „Дедлајн“.
Во врска со следната, шеста сезона, тој вели дека ќе биде најдобрата сезона досега.
-Веруваме дека нашите верни гледачи ќе ја обожаваат. Иако се ближи крајот на оваа телевизиска серија, приказната ќе продолжи во друга форма – рече Најт.
За потсетување, петтата сезона за бандата од Бирмингем заврши во општ хаос по неуспешното убиство на водачот на британските фашисти и член на парламентот на земјата Освалд Мозли, организирано од страна на Томас Шелби, главниот лик во серијата, кој го глуми Килијан Марфи.
Шестата сезона на „Пики Блајндерс“ неодамна започна со снимање, но сè уште не е познато кога ќе можеме да ги гледаме новите епизоди.