Успехот на американската телевизиска мини-серија во продукција на ХБО, чија тема е најголемата светска нуклеарна катастрофа во Чернобил, го зголеми бројот на туристи кои сакаат да ги посетат термоцентралата и градот на духовите Припјат, во нејзина близина.

Една украинска туристичка агенција, од почетокот на емитувањето на серијата во мај, бележи пораст од 40 отсто во резервациите. Посетата на Чернобил, со англиски толкувач, чини околу 90 евра за лице, објави Ројтерс.

Во април годинава беше одбележана 33-годишнината од чернобилската катастрофа, која во тогашната советска Украина ја предизвика неисправен безбедносен тест во четвртиот реактор на нуклеарната централа.

Сергеј Иванчук, директор на агенцијата „Соло-ист“, потврди дека фирмата бележи пораст на туристите за над 30 проценти во мај, во споредба на истиот месец лани. Резервациите за јуни, јули и август исто така се зголемени приближно за 40 отсто по прикажувањето на мини-серијата на ХБО.

Од друга страна, Јарослав Јемелијаненко, директор на агенцијата „Чернобил тур“, потврди дека очекува сличен пораст на туристи. Неговата агенција нуди посета на локациите прикажани во серијата, вклучувајќи го и бункерот во кој е донесена одлуката на локалните службеници подрачјето по експлозијата да не се евакуира.
– Голем број луѓе доаѓаат тука. Поставуваат многу прашања за ТВ-серијата, за настаните. Луѓето сега се многу пољубопитни – вели Викторија Брошко, која ги води туристите во обиколка.

Таа додава дека областа сега е сигурна за посетителите.
– Во текот на посетата на забранетата зона на Чернобил, дозата на зрачење изнесува два микросиверти, што е еднакво на радијацијата што ја добивате дома за 24 часа – тврди Брошко.

Во Припјат, градот на духовите, во кој некогаш имало 50.000 жители, од кои повеќето работеле во централата, останал и запуштениот забавен парк, кој токму во деновите кога се случила катастрофата требало да биде отворен.
„Чернобил“ стана неверојатен телевизиски феномен, кој со својата популарност се заканува да ја престигне и серијата „Игри на престолот“.
Серијата има пет епизоди, а премиерното прикажување почна на 6 мај. Приказната говори за вистински личности кои се жртвувале за да спречат Европа да доживее незамислива катастрофа.