Премисата на новата јужнокорејска серија „Сквид гејм“ на Нетфликс е едноставна – натпреварувачите што победуваат на детските игри освојуваат пари. Меѓутоа, оние што губат се убиваат. Оваа серија има девет едночасовни епизоди и за неа во моментов се зборува низ целиот свет.
Успехот на оваа серија во Јужна Кореја можеби не е толку изненадувачки, бидејќи се случува во реалниот свет, каде што луѓето се навистина сиромашни и избираат очајни чекори и потези за да преживеат, но исто така одекна и кај гледачите низ целата планета. Останува фактот дека во текот на тоа се среќаваат многу клишеа, но самиот концепт на поделба на оние што имаат и оние што немаат успеа, а од епизода во епизода може да се видат инвентивни начини на мачење луѓе во безизлезна ситуација.
Во текот на приказната ги следиме добродушниот зависник од коцкање и неговиот пријател од детството, сега посрамен банкар во бегство од полицијата. Тука е и бегалецот од Северна Кореја, кој се обидува да го спаси своето семејство и кој на тежок начин открива кому може да му верува.

Серијата има два сегмента – затишје во просториите каде што престојуваат учесниците и каде што може да се видат драмите меѓу нив, како и хаос за време на самата игра, каде што телата паѓаат едни врз други.
Ова дефинитивно не е за секого, но оние што ќе му дадат шанса веројатно нема да бидат разочарани, бидејќи рејтингот и гледаноста покажуваат дека серијата им се допаднала и на гледачите и на критичарите. Главен адут е нагласување на човечката опсесија со телевизиски игри и реални шоуа. Постои јасна разлика помеѓу учесниците, на чие место може да се најде секој, и оние што ги набљудуваат и кои сето тоа го организирале заради сурова забава.
Серијата визуелно е навистина импресивна, а сето тоа е проследено со импресивен саундтрак, а и лесно можеме да се идентификуваме со ликовите, дури и ако не сме во иста ситуација. Тешко е да се одговори на моралната дилема дали некој би жртвувал пријател за да го преживее лавиринтот на ужасот и смртта, а ликовите се наоѓаат токму во такви ситуации. Сите епизоди од серијата се достапни на платформата Нетфликс.