По Скандинавија, „Зоки Поки“ почнува да ги освојува и соседите на Балканот.
Десетте епизоди од првата сезона ќе се емитуваат на националната телевизија во Србија, РТС.
„Зоки Поки“ премиерно се емитуваше на првата програма на нашиот јавен сервис МРТВ во периодот од мај до јуни 2020 година. Скоро, беше најавено емитувањето на серијата и низ цела Скандинавија, односно на националните телевизии СВТ во Шведска, НРК во Норвешка, ДР во Данска и ИЛЕ во Финска.
Емитувањето на овие значајни национални телевизии во Скандинавија и соседна Србија е достигнување што има историско значење за македонската кинематографија. Но, и покрај големиот меѓународен успех, снимањето на втората сезона сѐ уште е во неизвесност.
– Се радувам што серијата ќе се прикажува и во Србија. Голем е предизвикот Зоки Поки да се емитува на РТС, која негува висок квалитет на продукција, особено во последните години, кога во оваа држава има експанзија на производство на голем број квалитетни серии. Со нетрпение ја очекувам реакцијата на децата од соседна Србија – вели продуцентот на серијата Роберт Насков.