Нетфликсовиот хит „Дамски гамбит“ освои 11 награди „еми“, вклучувајќи ја и наградата за најдобра драмска мини-серија, но нема да се врати со втора сезона.
На големо разочарување на обожавателите, извршните продуценти на серијата Скот Френк и Вилијам Холберг потврдија дека приказната за шаховското чудо Бет Хармон (Ања Тејлор Џој) дојде до својот природен крај.
– Ја раскажавме приказната што сакавме да ја раскажеме и стравувам дека ако се обидеме да кажеме нешто повеќе, ќе го уништиме она што веќе го кажавме – рече Френк во текот на виртуелна панел-дискусија.
Оваа вест не треба да биде изненадување за многумина, со оглед на тоа што серијата заврши доста добро за Бет, која не само што постигна една од своите најголеми цели туку и се помири со траумата што го прогонуваше нејзиното минато.
Мини-серијата, насловена по шаховски потег, следи харизматична генијалка што влегува во светот на шахот, каде што доминираат мажите. Дејството се одвива во 60-тите години на минатиот век. Вработен во сиропиталиште го открива талентот на малата Бет, која подоцна станува шаховско чудо.
Најголемата sвезда во серијата, можеби повеќе од главната протагонистка, е самиот шах, бидејќи серијата му донесе гламур на спортот, кој инаку добива малку внимание.
Една од причините за големата гледаност на оваа серија е тоа што става женски играч во преден план, реткост во светот на натпреварувачкиот шах.