Документарна серија „Град на стравот: Њујорк против мафијата“ на Нетфликс, во три продолженија, го реконструира начинот на кој законот им стави крај на петте мафијашки семејства што владееле со Њујорк во 1970-тите и почетокот на 1980-тите години.

Новата интригантна мини-серија посветена на „златната“ доба на њујоршката мафија е достапна на американскиот стриминг-сервис. Пет организирани семејства владееле со Њујорк во 1970-тите и 1980-тите години, сѐ додека група федерални агенти не пробале што било, речиси незамисливо дотогаш, за да ги отстранат.

Во тоа време Њујорк бил како сценографија од некој криминалистички филм. Корумпираните полицајци биле на улиците, а стапката на убиства била на рекордно ниво. Преку трите епизоди, документарната мини-серија „Град на стравот“ влегува во најтемните населби во Њујорк и носи приказни што одамна успеале да останат скриени од јавноста. Киднапирањата, грабежите во банки, работата со дрога, коцкањето, проституцијата… сето тоа било контролирано од мафијата. Замислете си ги актерите на телевизиската серија „Сопранови“ во реалноста (со малку помалку психоанализа) и ќе ви биде јасно за каков проект станува збор.

Со помош на целосниот капацитет на ФБИ, тајните агенти и сведоци, како и преку прислушување, се случија историски пресврт и судење во 1985 година, кога лидерите на пет мафијашки семејства беа обвинети во судот во Њујорк за организирано изнудување, рекетирање и убиства. Тогашниот обвинител Рудолф Џулијани имаше јасна намера, како што изјави и самиот, „да ги измете“ петте семејства и успеа да ги докаже нивните криминални дејства на „судењето над сите судења“ (како што во тоа време го нарекуваше весникот „Тајм“) и да ги стави зад решетки главите на семејствата Бонано, Коломбо, Гамбино, Џеновезе и Лучесе.

Чувајте ги пријателите блиску, а непријателите уште поблиску
Повеќето мафијашки приказни во филмовите од 1970-тите и 1980-тите години, меѓу кои се и некои од најдобрите наслови во историјата на кинематографијата, како што се „Кум“ на Копола и „Беше еднаш во Америка“ на Леоне, се стилизирани и раскажани од гледна точка на главните актери во криминалот. Публиката разви невообичаена симпатија кон нив, не можејќи да се спротивстави, на пример, на рапавиот глас на Марлон Брандо, кој даваше деликатни понуди во улогата на дон Вито Корлеоне, имигрант од Сицилија.

Меѓутоа „Град на стравот“, во режија на Сем Хобкинсон, внимателно го отсликува она што имаат да го кажат службениците за спроведување на законот што биле вклучени во ловот на гангстери во раните денови, кога не постоеле толку гламурозни системи за набљудување и прислушување. Мафијашите, пак, имале параван во форма на голем број италијански ресторани и месарници, каде што се одржувале нивните „деловни“ средби.

Веднаш на почетокот на серијата се соочувате со серија снимки и премотување на тајните магнетофонски ленти на ФБИ, кои првпат беа објавени во јавноста благодарение на Нетфликс, како и со фотографиите што се користеле за да се идентификуваат поединци за време на реконструкција на односите во групите на организиран криминал. Особено е интересна приказната за тоа како со помош на маскиран техничар била инсталирана бубачка во телевизијата на Пол Кастелано, шефот на мафијашкото семејство Гамбино, на неговиот имот на островот Статен. За потсетување, неговото убиство го организирал Џон Готи во 1985 година, кој го презел управувањето со мафијата по ликвидацијата на неговиот шеф.

„Град од стравот“ ја раскажува приказната од тоа како се озвучувале автомобилите на осомничените до следењето на мафијашките пари во градежништвото и бизнисот со недвижнини од 1970-тите и почетокот на 1980-тите години, што донело до профит од неверојатни размери.

Серијалот уште се нарекува и „Панорамска слика на Њујорк“, која обезбедува увид во картата на градот чии облакодери ги распаруваат облаците и највисоките нивоа на тогашните власти, а на тоа искачување не е заобиколен и еден од најголемите „изведувачи“ на Менхетн, сегашниот американски претседател Доналд Трамп.
Музиката од 1970-тите, брзиот ритам на нарација и одличната монтажа ќе ве поттикнат да ги гледате сите три епизоди од документарната серија без пауза. Таа е одлична комбинација на гангстерски филм и шпионски трилер, во која реалноста триумфира над фикцијата.