По долгогодишно истражување и проучување на овчеполското културно наследство и природни ресурси, научните истражувања и објавените книги, Никола Ристевски од Свети Николе оваа есен објавува нови книги за Овчеполието и родниот град. „Свети Николе – главната населба во Овчеполската Котлина“ е новото продолжение од серијалот книги за овој крај. 

Тиражот на книгата е подготвен, а веќе се подготвува и објавувањето на новата книга за Овче Поле, насловена „За овчеполските работи“.

– Преку овие две книги сите заинтересирани за големото и плодородно Овче Поле можат да добијат доволно информации за првично запознавање со природните ресурси и културното наследство на овој дел од Македонија. Едицијата „Зборник за Овче Поле“ наскоро и официјално ќе ја добие својата трета книга, со што ќе биде завршен првиот циклус од три книги. Продолжува работата и на едицијата „Зборник за Кратово“, во втората книга Ристевски од Свети Николе заедно со Стевче Доневски од Кратово подготвуваат ретки досега необјавени легенди, преданија и документи од Кратовскиот регион – вели Ристевски.
За до крајот на оваа календарска година се очекува објавување уште на неколку книги од Ристевски, кои содржат материјали на неколку различни теми.