„Спотифај”, една од најпопуларните светски платформи за вмрежен аудио пренос со претплата од утре (15 јули) ќе биде достапна за користење и во земјава.

Покрај влегувањето во Македонија, „Спотифај” стартува и на 12 нови пазари, вклучувајќи ги Молдавија, Казахстан, Белорусија, Русија, Албанија, Босна и Херцеговина, Словенија, Косово, Црна Гора, Србија, Украина и Хрватска.

Со светска заедница која брои повеќе од 286 милиони слушатели, вклучувајќи и 130 милиони премиум претплатници на глобално ниво, „Спотифај” овозможува слушање на локална и меѓународна музика со над 50 милиони песни и еден милион подкасти во Македонија.

Услугата „Спотифај”е бесплатна или со можност за надградба на „Спотифај Премиум”, услуга со претплата која им овозможува на корисниците да уживаат во музиката без да бидат прекинувани од реклами.

Македонските корисници ќе може да се надоградат на пакетот „Спотифај Премиум” за 4,99 евра месечно. „Премиум фемили“ е достапен за 7,99 евра за најмногу 6 членови на семејството кои живеат заедно. Новиот „Спотифај премиумДУО” (6,49 евра) е услуга за претплата на две лица односно двојки која вклучува „Дуо микс”, автоматски ажурирана плејлиста која комбинира музика што ја уживате вие и вашиот партнер/ка.

Пакетот „Спотифај Премиум за студенти” ќе чини 2,49 евра месечно.

– Стартувањето на овие пазари ја отвора вратата за скоро 250 милиони обожаватели кои ќе може да започнат со откривање на нова музика и подкасти од целиот свет на „Спотифај“, а уметниците во регионот да ја допрат се’ поповрзаната глобална публика и обожаватели – вели Федерика Тремолада, Управен директор за Јужна и Источна Европа на „Спотифај”.

Таа, исто така додава дека стартувањето на овие 13 пазари е важен момент во приказната на „Спотифај”.

– Особено затоа што им посакуваме добредојде на обожавателите и уметниците на растечките музички пазари, како Северна Македонија, каде расте семрежниот пренос и каде гледаме значајна можност за „Спотифај“ – вели таа.