Разурнувањето на зградата „Монако“, која некогаш беше дом на нарко-босот Пабло Ескобар во Меделин

Градот на нарко-кралот Пабло Ескобар постигна неверојатно опоравување по децении крвопролевање, но неговата сенка сѐ уште бдее и се чувствува над Меделин. Затоа, Федерико Гутиерез, градоначалникот на градот, го употреби омиленото оружје на Ескобар, динамитот, за да ја урне зградата каде беше неговото упориште, пренесува „Венити фер“.

На Гутиерез му се смачи од популарноста која сѐ уште ја ужива Пабло Ескобар. Дваесет и пет години по смртта на нарко-кралот, во градот доаѓаа посетители од целиот свет со цел да ја посетат зградата „Монако“, која била седиште на семејството во осумдесетите години на минатиот век. Друга позната локација била и неговата палата во Наполес, која вклучувала и зоолошка градина со егзотични животни. Денес, потомците на нилските коњи на Ескобар пливаат слободно во блиските реки.

Градоначалникот Гутиерез сака да го промени начинот на кој светот гледа на нивниот  град. Последните неколку години Меделин направи значителен чекор кон опоравувањето од неговото насилно минато. Туристите доаѓаат, а градот полека е претворен во место кое е центар на културата и технолошкиот напредок. Но, духот на Ескобар сѐ уште демне над градот и неговите млади жители, кои во дрогата гледаат лесно заработени пари.

– Сакаме да го сопреме мафијашкиот начин на живот што дава толку лоша репутација на нашиот град. Жртвите од режимот на Ескобар сѐ уште страдаат. Сѐ уште постои многу болка – вели Гутиерез.

Колумбискиот претседател Иван Дуке држи говор веднаш до градоначалникот на Меделин, Федерико Гутирез

Владеењето на теророт на Ескобар збриша помали нарко-дилери, како и многу невини жители кои се најдоа во вкрстениот оган. Настрадаа многу академици, уметници, судии, новинари и политичари кои одбија да му се покорат на нарко-кралот и да бидат поткупени. Помеѓу 1983 и 1994 година се верува дека 46.612 луѓе биле убиени од насилство поврзано со дрога во Колумбија. Затоа градот се труди да го насочи и посвети вниманието на жртвите, наместо на криминалците.

Така се родила идејата зградата на Ескобар да биде урната. Зградата „Монако“ служела како резиденција на Ескобар и неговото семејство, а претставувала почетна и завршна локација на многу нарко-тури за шверц на дрогата, а поврзана е и со киднапирањата кои биле вршени во градот.

Уривањето било внимателно планирано и проследено, а дронови кружеле за да го сликаат и забележат моментот на уривањето. Повеќе од илјада луѓе, повеќето од кои биле жртви или се роднини на жртвите на киднапирањата, беа поканети и го следат уривањето во живо.

– Пабло Ескобар го подели градот и земјата на два дела. Секоја ноќ се слушаа експлозии и сирени – се присетува еден жител на градот.

На настраданите и на роднините на настраданите им беа доделени медали, кои никако не можат да ги избришат сеќавањата од насилствата. Потоа, голема експлозија ја собори зградата до земја. Зградата „Монако“ веќе не пости.

Теророт на Ескобар со години бил неизбежен, додека нарко-дилери, герилци, десничарски паравојски и опортунисти ги разграбувале милијардите кои доаѓале од трговијата со дрога. Во 80-те години, повеќе од 600 полицајци биле убиени откако Ескобар понудил награда од два милиони пезоси (над 106 илјади долари) за секој убиен полицаец.

По неговата смрт, жителите на Меделин биле ставени во ситуација каде морале да решат што сакаат од владеењето на теророт да заборават, а што да запомнат. Затоа бил изграден Меморијалниот музеј, со цел луѓето да запомнат што се случило. Помладите честопати не се свесни и не ја разбираат пораката од ваквите залагања. Пред дваесет години, училиштата во Колумбија мораа да одлучат дали и како да ги учат младите за немилите настани, па се одлучиле целосно да го избришат овој насилен период од нивната образовна програма.

Иако насилството од времето на Ескобар е минато, сепак тоа сѐ уште постои во градот. Одредени области ги контролираат банди кои влечат инспирација од модерните ТВ серии кои имаат криминална тематика, како што е серијата „Наркос“.

– Сериите кои тие ги гледаат се детални. Од нив тие учат како да бидат насилни и црпат инспирација. Младите сакаат да бидат и се гледаат како водачи на бандата – вели Паула Харамило, која ја води иницијативата „Прифати го своето минато“.

Меделин сѐ уште ги чувствува и носи проблемите на Ескобар во сите слоеви на општеството. Седиштето на сегашната мафија, или „Канцеларијата на Енвигадо“, се наоѓа во Енвигадо, градот во кој самиот Ескобар израснал. Според „Инсајт крајм“, „Канцеларијата“  е испреплетена мрежа од секакви услуги кои вклучуваат перење на пари, меѓународна трговија и продажба на дрога, како и изнуда.

– Една од целите на иницијативата е корекција на етичките и морални вредности на жителите на градот – вели Харамило.

Влијанието на Пабло Ескобар уште се чувствува во Колумбија