Годинава се навршуваат две децении од апсењето на Слободан Милошевиќ, некогашен претседател на Србија и на Сојузна Република Југославија. На овој настан потсетува телевизиската мини-серија „Семејство“ од пет епизоди што ја потпишува режисерот и сценарист Бојан Вулетиќ, која од 29 март до 2 април се прикажуваше на РТС.
Во серијата се опишани неизвесните 48 часа во вилата „Мир“ и последните драматични часови на заедничкиот живот на тогаш највлијателното семејство во Србија, непосредно пред апсењето на Милошевиќ.

Борис Исаковиќ маестрален како Милошевиќ

Инаку амбициозната и веродостојна реконструкција на настаните е поткрепена со документарни записи, заснована е на фактографија, автентични снимки, со сведоштва на актерите што биле дел од случувањата. Но во серијата има и фикција – некои сцени се базирани на претпоставки, во рамките на дозволената уметничка слобода.
– Ние бевме сведоци на она што се случуваше пред куќата и во тогашната републичка и сојузна власт. Но речиси никој не знае како се чувствувале членовите на семејството Милошевиќ, што правеле, што мислеле, дали се плашеле? Мислам дека токму тоа е она што најмногу ги заинтересира гледачите – вели режисерот и сценарист Бојан Вулетиќ.
Деликатната тема и комплексните историски личности беа голем предизвик за глумците. Улогата на Слободан Милошевиќ маестрално ја одигра искусниот Борис Исаковиќ. Тој со бојата на гласот, со говорот, движењата, гестикулацијата, беспрекорната мимика, сосема се соживеа со ликот.
– Со самото тоа што Слободан Милошевиќ психолошки е комплексна личност, тоа е одличен терен за глумецот. Сликата што ја имав за него беше едната страна на медалот. Работејќи на улогата таа слика ја продлабочив и се обидов да проникнам во неговата личност. Морам да признам дека тоа за мене беше возбудливо патување, во одредена мера да се обидам да го оправдам, за да можам да го застапувам. Па така пронаоѓав разни детали, за кои претходно не знаев, на пример дека бил многу духовит – објаснува Исаковиќ.

Мирјана Карановиќ без предрасуди ја игра Мира Милошевиќ

Во приказната што се издига над политиката, бидејќи ја отсликува човековата ранливост, инспиративниот актерски простор го искористи Мирјана Карановиќ во улогата на Мирјана Марковиќ.
– Она што мене ми беше важно е да се ослободам од сѐ што како одредена предрасуда или некоја слика ја имав во главата за таа жена, за да можам да тргнам од нула, од една неутрална позиција да му пристапам на ликот – истакна Карановиќ.
Заедно со личностите од тогашниот политички живот на Србија што ги има во серијата (Зоран Ѓинѓиќ, Воислав Коштуница, Чедомир Јанковиќ…), во „Семејство“ влегоа и имагинарни личности, чија судбина носи одредена симболика – телевизиска репортерка, домашна помошничка и една пензионерка.